Дискусија во парламентот воопшто немаше со оглед дека опозицијата не можеше да обезбеди кворум бидејќи во салата не беа присутни пратениците од власта, како и пратеникот од Беса, Кастриот Реџепи
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја затвори седницата на која требаше да се гласа за недоверба на Владата по поднесената иницијатива на опозициските партија.
Дискусија во парламентот воопшто немаше со оглед дека опозицијата не можеше да обезбеди кворум бидејќи во салата не беа присутни пратениците од власта, како и пратеникот од Беса, Кастриот Реџепи.
„Имајќи го предвид фактот дека според процедурите на Деловникот од моментот на поднесување на прашањето за доверба на Владата, Собранието има право на третиот ден да дебатира за прашањето за доверба на Владата поднесена од опозиција со 61 потпис. Во текот на третиот ден, кој истекува за 20 минути, Собранието треба да се изјасни. Имајќи предвид дека тие немале кворум за целта за кое беше поднесено ова прашање дневниот ред не е изгласан и според Деловникот не може да се отвори дебата околу иницијативата за гласање на доверба. Имајќи предвид дека истекува времето, не ни останува ништо друго освен да констатираме дека на Владата не ѝ е изгласана недоверба и Владата останува во состав и со должностите кои ги има“,
рече Џафери.
Пред да ја затвори седницата, спикерот ѝ посака на Владата успех во наредните денови.
Освен Џафери, во собраниската сала не присуствуваа ниту пратениците од власта, ниту пратениците од опозицијата. Присутни беа само членовите на Владата на чело со премиерот Зоран Заев.
Околу 21.30 часот, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го напуштија Собранието. Александар Николоски рече дека нема да ја повлечат иницијативата и ќе остават пратениците на власта да одлучат што ќе се случува. Најави дека во следните денови партискит тела ќе ги одредат идните чекори.