Навраќајќи се на годините по осамостојувањето, претседателот на Собранието рече дека 2001 година беше тежок предизвик, но оти се надмина со потпишување на Охридскиот рамковен договор, како огромен успех го оцени и нашето членство во НАТО, а за членството во ЕУ рече дека е повторно на „статична точка“
На патот на нашето растење и созревање, воедно и опстојување како држава, се соочувавме со многу предизвици кои не научија дека еднаш добиена држава, не значи и засекогаш гарантирана држава, Напротив, значи дека секој нов ден е благослов и дека секој нов ден е можност и шанса да научиме повеќе за тоа како да живееме заедно, да мислиме исто, да ја чуваме татковината и да делуваме сите заедно и сплотени во иста насока, токму така како што и се очекува од одговорни граѓани, храбри политичари – визионери, кои знаат во секој миг што е најдоброто за иднината и опстојувањето на земјата, рече претседателот на Собранието Талат Џафери, во видеобраќањето по повод Денот на независноста.

Убеден сум, потенцира тој, дека и покрај големите предизвици низ кои поминавме, имаме сила, волја, решителност и визија за тоа каде сакаме да ја видиме Северна Македонија и каков дом посакуваме и градиме за нашите граѓани.
„Имаме една заедничка држава и сите сме одговорни да ја чуваме и развиваме, за нас и за идните поколенија, Да градиме општество во кое сите ние, сега и во иднина ќе се чувствуваме рамноправни, почитувани, еднакви пред законот и правдата, едноставно, ќе се чувствуваме свои на своето, затоа што сите заслужуваат да живеат, растат, се образуваат и творат во држава во која почитувањето на човековите права и слободи е природно и универзално право без преседан. Заедно ќе се радуваме и ќе плачеме за сите победи и порази, за сите блескави и не толку блескави моменти, затоа што тоа е да бидеш едно, тоа е да бидеш заедно“,
порача Џафери, кој присуствува на Светската конфернција на претседатели на Парламенти во Виена.

Вечерва, посочи Џафери, одбележуваме исклучително значаен јубилеј, полни триесет години од историската вечер, кога беа прогласени резултатите од референдумот на 8 Септември 1991 година. Навраќајќи се на минатите години , тој рече дека 2001 година беше тежок предизвик, но оти се надмина со потпишување на Охридскиот рамковен договор, кој беше основа за трансформација во функционално мултиетничко, мултикултурно и мултиконфесионално општество. Како огромен успех го оцени инашето членство во НАТО, а за нашето членство во ЕУ рече дека се наоѓа повторно на статична точка.
„Остварувањето на полноправното членство во воено-политичкиот сојуз на НАТО е огромен успех, кој значи и безбедност на нашите граѓани и на територијалниот интегритет. Тоа го постигнавме со Преспанскиот договор со кој храбро и мудро го надминавме деценискиот спор и излеговме од анахроните балкански рамки, преобразувајќи се во фактор на стабилност во нашиот симптоматично сензитивен регион“,
рече Џафери, во видео-пораката на албански, проследена со превод на македонски јазик, што беше емитувана во официјалниот дел од вечерашната прослава пред Собранието.