Конкретна информација за терминот за одржување на седницата, собраниската прес-служба најави за денеска попладне

Мандатарот на идната преодна влада Талат Џафери се очекува во текот на денешниот ден до Собранието да ги достави составот и програмата на идната техничка влада, со што се отвора патот да се свика собраниска седница за избор на Влада.
Конкретна информација за терминот за одржување на седницата, собраниската прес-служба најави за денеска попладне.
Вчера Собранието ја констатира оставката на досегашниот претседател на Собранието, Талат Џафери, по што претседателот на државата Стево Пендаровски му го врачи мандатот за состав на идната влада.
Мандатарот Џафери веќе ги примил сите предлози од политичките партии за министри и дополнителни заменик-министри.
Во состав на преодната влада, прв заменик-премиер на Владата, според договорот меѓу СДСМ и ДУИ, ќе биде Бојан Маричиќ, кој исто така останува и вицепремиер за европски прашања, додека Артан Груби, кој досега ја извршуваше функцијата прв вицепремиер и министер за политички систем, ќе биде министер за политички систем.
На опозицијата ѝ припаѓаат министерските места во Министерството за внатрешни работи и во Министерството за труд и социјална политика и дополнителни заменички места во министерствата за финансии, за информатичко општество и администрација и за земјоделство.
Од страна на ВМРО-ДПМНЕ на овие места се предложени Панче Тошковски за технички министер за внатрешни работи и Ѓоко Велковски за министер за труд и социјална политика.
За дополнителен заменик-министер за финансиии е предложена Елена Петрова, за информатичко општество и администрација Стефан Андоновски, а за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.
Познати се и имињата на министрите и дополнителните заменик-министри кои доаѓаат од редовите на СДСМ. Актуелниот шеф на кабинетот на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, Митко Бојмацалиев е кандидат за дополнителен заменик-министер за внатрешни работи, а на министерските места во Култура, Животна средина, Транспорт, Одбрана и Земјоделство се предложени досегашните министри.
За дополнителни заменик-министри од редовите на СДСМ се предложени Викторија Аврамовска Мадиќ во Министерството за правда, Маја Манолева во Министерството за здравство, Александар Бајдески во Министерството за информатичко општество и администрација, Филип Николовски во Министерството за финансии и Мики Крстев во Министерството за локална самоуправа.
За дополнителен заменик-министер за труд и социјална политика е предложена досегашната министерка за труд и социјална политика Јована Тренчевска.
Од ДУИ и од Алијанса за Албанците потврдија дека остануваат со истите кадри.
Преодната влада се избира на 100 дена пред изборите кои се закажани за 8 мај, а ќе функционира до изборот на новата влада.