Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во излагањето на Преспа форумот за дијалог, кажа дека 24 декември 2012 – денот кога новинарите и тогашната опозиција брутално беа исфрлени од Парламентот, и 27 април 2017 – кога се случи упадот во законодавниот дом, се две црни дамки во развојот на демократската зрелост на државата, кои не смеат да се заборават.
„Собранието беше местото каде што се случија најголемите предизвици, како резултат на договорот постигнат во Преспа. Најкарактеристично е фактот дека овој предизвик се случуваше пред очите на нашите сограѓани и пред пошироката јавност. Кога зборуваме за Собранието, никој од нас не треба да заборави два клучни момента, кои ги обележуваат парламентарните случувања, теми за кои се надевам дека се научена лекција и се надевам дека нема никогаш да се повторат. И тие датуми се темни дамки во развојот на демократската зрелост. Зборувам за 24 декември 2012 и за 27 април 2017 година кои не треба никогаш да ги заборавиме. Но, нашите надежи треба да се свртат кон иднината. За да се надминат овие предизвици, нормално дека во клучните моменти требаше ладнокрвност, тоа верувам дека го покажавме на 27 април. Требаше ум, далекувидност на сите, за тоа во која насока ќе се движиме и највеќе од сè треба политичка волја за да се отвори простор за дијалог, и зошто да не и помирување меѓу политичките субјекти за да се отвори можноста да одиме напред и да го направиме првиот чекор од нулта точката. Преспанскиот договор беше нашето движење од нулта точка“,
рече Џафери.
Спикерот Џафери се осврна и на Охридскиот договор за кој смета дека придонел за мир и релаксација на меѓуетничките односи на внатрешен план, а со Преспанскиот, вели дека сме постигнале Грција da го поддржува интеграцискиот пат на Северна Македонија. Тој се надева дека и Договорот за добрососедство со Бугарија на крај ќе се покаже како успешен модел.
„Се надевам дека Договорот потпишан со Република Бугарија за пријателство, добрососедство и соработка ќе биде ваков модел и набрзо, со позитивно рефлектирање на Република Бугарија ќе се овозможи и првата меѓувладина конференција Република Северна Македонија – Европска Унија, што ќе го одбележи и отворањето на преговорите за нашето полноправно членство во европското семејство, таму каде што и ни е местото“,
кажа Џафери.