Според неофицијални информации, починатото момче е од Тетово
Деветнаесетгодишен македонски државјанин го загуби животот на плажа во близина на Халкидики во соседна Грција, соопшти денеска Министерството за надворешни работи и надворешна трговија повикувајќи се на информација доставена од македонскиот конзулат во Солун.

„Конзулатот е во редовна комуникација со семејството на починатиот, со цел завршување на сите неопходни административни процедури за транспорт на телото во земјава“,
се вели во соопштението од МНР.
Причините за смртта, како што додаваат, сè уште не се потврдени оти се чека извештајот од обдукцијата.
Според неофицијални информации, починатото момче е од Тетово.
Грчките медиуми пренесуваат дека настанот се случил вчера попладне на плажата во Ханиоти, општина Касандра, кога во бессознание од морето е извлечен 19-годишен македонски државјанин.
По укажана прва помош на плажата, момчето е пренесено во Здравствениот центар во Касандра, каде што е констатирана смрт.
Крајбрежната управа на Неа Мудања, според грчките медиуми, спроведува прелиминарна истрага за смртта на момчето. Телото на починатиот е пренесено во Службата на судска медицина во Солун за да се изврши обдукција.