Шестмина од уапсените се осомничени за насилничко однесување на јавен собир, едно лице се товари за уништување и оштетување туѓ имот, едно за напад на службено лице и едно лице за предизвикување општа опасност. По едно лице сè уште трага
Девет лица се уапсени поради немирите на синоќешниот масовен протест во Нови Сад, информира денеска Вишото јавно обвинителство.
Според соопштението на Обвинителството, шестмина од уапсените се осомничени за насилничко однесување на јавен собир, едно лице се товари за уништување и оштетување туѓ имот, едно за напад на службено лице и едно лице за предизвикување општа опасност. По едно лице сè уште се трага.
„Интензивно се работи на утврдување на идентитетот на други лица кои се товарат за кривично дело напад врз службено лице во извршување на службените работи и уништување и оштетување на туѓ имот“,
наведуваат од Вишото јавно обвинителство Нови Сад.
Обвинителството нагласува дека во врска со кривичното дело предизвикување општа опасност, кое било извршено со истурање фекалии од цистерна пред Градското собрание на Град Нови Сад, на место каде што биле собрани поголем број луѓе, била предизвикана опасност од ширење на инфекцијата. Се додава дека на местото е извршен увид и дека екипа на Институтот за јавно здравје од Војводина земала мостри, чии анализи се во тек.
На синоќешните протести во Нови Сад се бараше одговорност од властите за смртта на 14 лица по уривањето на натстрешницата на главната железничка станица во тој град. За време на протестите избија и неколку инциденти.