Деветмина вработени во детската градинка „Павлина Велјанова“ во Кочани се позитивни на коронавирусот, потврди градоначалникот Николчо Илијев.
Тестовите се изработени во скринингот на градинките, кој треба да се направи низ целата земја пред да се донесе одлука за отворање на градинките.
„Со тестовите се утврдија деветмина вработени во оваа јавна општинска установа во Кочани, кои се позитивни на коронавирусот, без да покажат симптоми на болеста. Ова е уште една опомена за максимална внимателност, да ги спречиме последиците од поголем размер. Со ова се потврди и неопходноста од скрининг, бидејќи евентуалното отворање на градинките без проверка на здравствената состојба на вработените, ќе значеше катастрофа“,
вели Илијев.
Тој додава дека резултатите од скринингот се посебно важни затоа што ја прикажуваат состојбата и ќе помогнат во борбата против ковид-19.
„Апелирам сите да се однесуваме внимателно и одговорно, да носиме заштитни маски, да одржуваме растојание од 2 метра и хигиена! Да бидеме одговорни! Грижата за личното здравје значи совест кон одржувањето на колективното здравје!“,
вели градоначалникот Илијев.
