Шефовите на држави на девет земји – Бугарија, Естонија, Унгарија, Латвија, Литванија, Полска, Чешка, Романија и Словачка – исто така ќе разговараат за влијанието на руската инвазија врз безбедноста на „ранливите партнери“ на Алијансата, вклучително и Молдавија и Грузија
Соочени со руската агресија во Украина, лидерите на девет земји од централна и источна Европа, денеска во Букурешт разговараа за зајакнувањето на источното крило на НАТО, во пресрет на претстојниот самит на Алијансата закажан за крајот на јуни во Мадрид.
„Зајакнувањето на НАТО на источното крило станува сè поитна и позначајна потреба поради зголемениот безбедносен ризик во Романија и Црното Море“,
рече романскиот претседател Клаус Јоханис на почетокот на состанокот со кој копретседаваше неговиот полски колега Анджеј Дуда.
Како што рече Јоханис, на самитот на НАТО ќе биде претставен нов стратешки концепт со акцент на колективната одбрана според член 5 од Повелбата на Алијансата и повика на посилно одвраќање и одбрана како одговор на заканите од Русија.
Членот 5 предвидува дека ако една членка на НАТО е жртва на вооружен напад, другите членки тоа го сметаат за чин на напад врз сите членки и можат да преземат соодветни мерки за помош на нападнатата земја.
Шефовите на држави на девет земји – Бугарија, Естонија, Унгарија, Латвија, Литванија, Полска, Чешка, Романија и Словачка – исто така ќе разговараат за влијанието на руската инвазија врз безбедноста на „ранливите партнери“ на Алијансата, вклучително и Молдавија и Грузија.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг го откажа учеството на состанокот во Букурешт поради здравствени проблеми, но се очекува подоцна да се обрати онлајн.