Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски денеска по повод одбележување на годишнината најави дека ќе започне постапка за поставување на спомен-плоча, како симбол на сеќавање и почит на трагедијата
Пред девет години на денешен ден, скопските села Стајковци, Смилковци, Ченто и Арачиново беа погодени од катастрофални поплави во кои животот го загубија 22 лица.

Невремето започна во попладневните часови, кога селиот Скопски Регион беше погоден од обилни дождови и силен ветер. Во текот на ноќта беа евакуирани околу илјада граѓани.
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски денеска по повод одбележување на годишнината најави дека ќе започне постапка за поставување на спомен-плоча, како симбол на сеќавање и почит на трагедијата.
„Следната 2026 година ќе одбележиме 50 години од постоењето на нашата општина, половина век историја, развој и заедништво. Но, истовремено тоа ќе биде и 10 години од трагичните поплави. Токму затоа, ќе започнам иницијатива за поставување на спомен-плоча, која ќе биде вечен паметник – не само на трагедијата, туку и на храброста, солидарноста и човечноста што ги покажавме како народ. Ќе биде место на тишина и размисла, на молитва и сеќавање, на почит кон оние што не се меѓу нас“,
напиша на својот фејбук-профил Стефковски.
Ги повика граѓаните, институциите и организациите да се вклучат во оваа иницијатива.
Во невремето 22 лица го загубија животот, од кои најмладо е деветгодишно дете. Многумина беа повредени, а голем број домови уништени.
На 6 август 2016 година во Скопје за 24 часа наврнале 92,9 литри на метар квадратен, а во текот на првите два часа од невремето удриле над 800 громови.