Според информациите до кои дојде „360 степени“, пет од заразените деца се од училиштето „Владо Тасевски“, три од „Војдан Чернодрински“ и едно од „Јан Амос Коменски“. Децата се од прво до четврто одделение, кои за појадок и ручек се хранеле во училиштето

Девет деца од три основни училишта во Општина Карпош се заразени со салмонела.
Според информациите до кои дојде „360 степени“, пет од заразените деца се од училиштето „Владо Тасевски“, три од „Војдан Чернодрински“ и едно од „Јан Амос Коменски“. Децата се од прво до четврто одделение, кои за појадок и ручек се хранеле во училиштето.
Општинските служби од Карпош велат дека во ООУ „Војдан Чернодрински“, од 180 ученици кои во училишната кујна се хранат за појадок и ручек, само кај три ученици од Центарот за јавно здравје има потврда дека имаат салмонела.
„Во училиштето ’Јан Амос Коменски’ од 350 ученици кои се хранат во училишната кујна (појадок и ручек), само кај еден ученик е потврдено дека има салмонела“,
се вели во информацијата од Општина Карпош.
Во овие две училишта, општинските служби велат дека станува збор за ученици од прво одделение.
Најмногу потврдени случаи има во училиштето „Владо Тасевски“, и тоа кај пет ученици од 1 до 4 одделение, од 350 деца кои примаат храна во училиштето.
„Во петокот, во дневното мени децата за појадок имале мекици без јајца, за ручек јаделе спанаќ без месо, со кисело млеко. Во текот на вчерашниот и денешниот ден се земени брисеви од сите работни површини во сите училишта и сите вработени“,
додаваат од Општина Карпош.
Оттаму велат дека фирмата која врши снабдување со храна во сите основни училишта во Карпош сама побарала вонреден преглед.
„До добивањето на резултатите ќе бидат затворени кујните во овие три училишта, како и кујната во ООУ ’Димо Хаџи Димов’, каде што нема регистрирани случаи, но е сместен магацинот од каде се снабдуваат другите училишта. Резултатите се очекуваат најдоцна до сабота“,
велат од Општина Карпош.
Според информациите од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ), каде што се пристигнати пријавите за заразени деца, велат дека веќе се врши вонреден инспекциски надзор во училиштата.
„Со цел надзор над санитарно хигиенската и епидемиолошката состојба во објектите, откривање на изворот на зараза и прекинување на синџирот на пренос на заразното заболување екипи на Државниот санитарен и здравствен инспекторат во соработка со претставници од ЈЗУ Институт за јавно здравје, Центар за јавно здравје и Агенција за храна и ветеринарство вршат вонредни инспекциски надзори во објектите“,
додаваат од ЦЈЗ.
Пријавите за деца заразени со салмонела, во Центарот за јавно здравје стигнале од матичните лекари.