Во согласност со донесените укази, од кабинетот на претседателката велат дека должноста на амбасадорите им престанува на 30 април 2025 година

Девет амбасадори ќе бидат отповикани од должноста откако претседателката Гордана Силјановска-Давкова ги потпиша указите, информираат од нејзиниот кабинет.
Според информациите од кабинетот на претседателката, осум амбасадори се отповикуваат од должноста бидејќи заминале на тие позиции без да ја исполнат законската обврска пред работното тело на Собранието.
Сиљановска-Давкова донела указ и за отповикување во редовна постапка на Светлана Гелева од должноста вонреден и ополномоштен амбасадор и постојан претставник при Советот на Европа, со седиште во Стразбур, поради завршување на мандатот.
„Амбасадорите коишто се именуваат законски се обврзани пред да бидат назначени да ги презентираат своите согледувања за односите со државата на приемот или меѓународната организација пред работното тело на Собранието, надлежно за надворешна политика, а осуммина од деветте отповикани не го направиле тоа“,
се вели во соопштението од кабинетот на Сиљановска-Давкова.
Во согласност со донесените укази, од должноста вонреден и ополномоштен амбасадор се отповикуваат Јакуп Реџепи кој беше во Босна и Херцеговина, Џенк Сејфула од Кралството Шведска, Методија Белевски од Кралството Белгија и од Големото Војводство Луксембург, Агнеза Руси Поповска од Република Бугарија, Емил Крстески кој беше во Чешката Република, Пајо Авировиќ од Постојаната мисија при Меѓународните организации, со седиште во Виена, Зеќир Рамчиловиќ од Црна Гора и Катерина Ставреска од Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.
Во согласност со донесените укази, од кабинетот на претседателката велат дека должноста на амбасадорите им престанува на 30 април 2025 година.
Веста за отповикувањето на амбасадорите во медиумите се актуализира кон крајот на минатиот месец откако дел од информативните портали објавија вест дека повеќемина амбасадори назначени од претходниот претседател на државата се отповикани од страна на Министерството за надворешни работи.
Веста со речиси идентична содржина варираше само во однос на бројката на отповикани дипломати. Дел од порталите наведуваа бројка од осум, други од девет амбасадори.
Наведувајќи ги со име и презиме, како причина за нивното наводно отповикување, беше посочено неисполнувањето на членот 39 од Законот за надворешни работи, односно затоа што не ги претставиле дипломатските тези пред собраниската Комисија за надворешна политика пред да бидат упатени за ополномоштени македонски амбасадори.
По оваа информација од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија рекоа дека станува збор за неточни наводи кои, како што додаваат оттаму, воопшто не соодветствуваат со фактичката состојба.
Во врска со постапката за отповикување на определен број амбасадори, од Министерството информираа дека се во редовна и континуирана комуникација со Кабинетот на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова.
Како што наведоа и појаснија оттаму, досега преку официјалниот интерен комуникациски систем, девет амбасадори се известени за завршување на нивниот мандат и дека во наредниот период се очекува претседателката на државата да ги потпише указите за нивно отповикување.
Неодамна од должноста амбасадор на Северна Македонија во Романија беше отповикан Андреј Жерновски, кој за одлуката, како што информира самиот на социјалната мрежа Фејсбук, дознал од „Службен весник“.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова претходно, поради истечен мандат, отповика седум амбасадори. Указите за нивно отповикување беа објавени на 11 ноември 2024 година во „Службен весник“.
Сиљановска-Давкова ги повлече амбасадорите на Северна Македонија во НАТО – Дане Талески, во Албанија – Данчо Марковски, во Данска – Фатон Бејта, во Казахстан – Сали Лимани и во Катар – Шабан Јашари. Отповикани беа и амбасадорката Теута Агаи Демјаха, која беше шефица на Постојната мисија на Северна Македонија во ОН во Женева и амбасадорката при Светата Столица во Ватикан, Марија Ефремова.