Во автобусот имало 52 патници, а 45 загинаа. За жал, вели обвинителот Сарафов, нема осми патник што се спасил

Во опожарениот автобус на автопатот „Струма“ е пронајдено 45-то тело. Истражителите дошле до вакво сознание при повторен преглед на возилото. Информацијата за бугарската телевизија „Нова“ ја потврди заменик-главниот обвинител и началник на Националната истражна служба, Борислав Сарафов.
„За жал, мистеријата е решена. Пронајдено е 45-то тело. При увид се пронајдени останки од дете. Не постои осми патник што се спасил во несреќата. Трагичната ноќ во 21:15 часот ноќ преку граничниот премин ‘Капитан Андреево’ влегле 52 патници, од нив 45 се пронајдени во автобусот, седум се во болницата ‘Пирогов’. За жал, нема уште еден спасен во несреќата“,
изјавил Сарафов за „Нова“.
Тој рече и дека истражителот и обвинителот кој денеска пристигнаа во Скопје ќе останат тука најдоцна до недела со цел да ја земат документацијата поврзана со автобусот и ДНК-материјалите од роднините на загинатите.
Информацијата околу евентуалниот осми преживеан патник беше дадена вчера на прес-конференција на бугарските обвинители кои наведоа дека во остатоците од автобусот биле пронајдени 44 трупа.
Портпаролката на бугарскиот главен обвинител Сијка Милева објасни дека добиле информација дека во автобусот патувале 52 патници, а во болница се лекуваат седум лица. Еден од двајцата сведоци, од преживеаните патници со кои разговарале, тврдел дека спасил осуммина, но како што рече Милева, во болницата има само седум патници. Меѓутоа, таа нагласи и дека е можно и самиот сведок да се збунил при исказот.
Претходно, „24 Часа“ објавија изјава од лицето Сади Салех, за кого повеќе медиуми објавија дека е осмиот преживеан патник од автобусот. Но Салех, откако го видел своето име, се јавил и објаснил дека дека поради скршеница на раката во саботата бил примен во болницата „Пирогов“ во Софија, каде што беа сместени повредените патници кои ја преживеаја автобуската несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија.
Болницата „Пирогов“ во листата на повредени лица го внела и Салех, кој е бугарски државјанин.