Вкупно пет лица, од кои тројца во Шпанија и две во нашата држава, се уапсени, а по други две, еден турски и еден грчки државјанин, се трага, како членови и инволвирани во меѓународона криминална група која незаконски набавувала и продавала кокаин. Двајцата уапсени во нашата држава се актерката Силвија Стојановска и нејзиниот сопруг Во случајов станува збор за 700 килограми кокаин набавен од Колумбија, кој преку Шпанија бил наменет за западноевропските земји, а чија продажна вредност на големо може да достигне цена од 20 милиони евра.

Детали за случајот денеска презентираа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и обвинителката од Јавното обвинителство за борба против организираниот криминал и корупцијата Маја Коневска.
Акцијата била спроведена на 18 декември. Во неа учествувало МВР со Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал заедно со полициските служби на Шпанија и Колумбија, а во координација на американската агенција за борба против дрога ДЕА.
Целта на меѓународната операција, потенцира Спасовски, беше сузбивање на организирана криминална група и лишување од слобода на лицата идентификувани како дел од меѓународна криминална мрежа составена од криминални соработници од Северна Македонија, Шпанија, Колумбија, Белгија и други држави.
„Членовите на меѓународната организирана криминална група на лице идентификувано како капетан на брод му исплатиле парични средства во вкупен износ од 850.000 евра како дел од сумата договорена за извршување на транспортот на кокаинот од Колумбија до Шпанија. Дрогата е запленета во Мадрид, Шпанија, на 18 декември 2019 година“, изјави министерот Спасовски.
Лидер на оваа група бил првопријавениот В.Б. (сопругот на Силвија Стојановска) кој заради впишана забрана за патување во земјите од ЕУ го ангажирал неговиот брат В.Б., резидент на Белгија, со кого остварувал редовни контакти и средби во Скопје и во периодот од јули-декември и ги договарале чекорите за пренесување и дистрибуција на кокаинот.

Откако биле договорени сите детали на преземањето на кокаинот во Мадрид, на почетокот на декември, македонската актерка по инструкции на нејзиниот сопруг резервирала апартман во Мадрид на име на неговиот брат В.Б. и го платила со сопствената кредитна картичка.
„Исто така, таа во текот на октомври 2019 година отпатувала за Мадрид преку Софија, за во име на нејзиниот сопруг В. Б. од шпански државјанин да подигне износ од 10.000 евра, најверојатно поврзани со криминалните активности на оваа криминална мрежа“, појасни Спасовски.
На денот на преземањето на кокаинот, на 18 декември 2019 година, во симултана операција во Шпанија и Северна Македонија, лишувањето од слобода на лидерот на групата во земјава било реализирано, а непосредно пред него шпанската национална полиција ги уапсила неговиот брат и двајца шпански државјани во Мадрид, во момент кога преземале комбе „рено“ со 700 килограми кокаин.
Карактеристично за оваа организирана криминална група е тоа што комуникацијата се одвивала на лични и непосредни средби остварени помеѓу членовите и тоа во Скопје, Мадрид, Белград и Дубаи, потоа Канкун (Мексико) и Картагина (Колумбија) и преку интернет-комуникација со висока заштита.
Обвинителот Коневска потсети дека на 19 декември донела наредба да се спроведе истрага против две лица македонски државјани, осомничени дека имаат преземено дејствија на неовластено купување заради неовластено продавање кокаин. Стојановска и нејзиниот сопруг се осомничени за делото неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Таа нагласи дека кокаинот е купен во Колумбија и е пренесен до Шпанија, по што е скриен во магацин во Мадрид додека да се најдат купувачи.
„Во моментот кога се најдени купувачите, дрогата е пренесена од магацинот во возилото, кога и доаѓа до апсењето. Поврзаноста на сторителите во Мадрид и во Скопје беше јасно и евидентно. Извршен е претрес на две локации во Скопје, една е местото на живеење на двајцата обвинети. При претресите најдени се докази што се доволно силни за овој момент да се потврди основаноста на сомнението“, појасни обвинителката Коневска.
Таа најави дека ќе се оствари координативна средба со обвинителите во сите земји од каде што потекнуваат членовите на групата и каде што работеле за да разменат информации и да ги разгледаат доказите по што ќе се заземе заеднички став во кој правец понатаму ќе се движи истрагата.

На новинарско прашање зошто за осомничената С.С. е побарана мерка притвор по три основи, обвинителката Коневска, меѓу другото, образложи дека не секогаш сите учесници – сторители на кривично дело за кои постои основано сомнение дека се сторители се во еднаква улога.
„Осомничениот се појавува како сторител на кривично дело во една западноевропска земја и за истото тоа кривично дело е суден на затворска казна, која ја издржал. За тоа време осомничената не е судена, досега не е позната како сторител на кривично дело. Осомничениот е невработен, а обвинетата има постојано место на вработување. Она што исто така е многу важно мерката притвор и мерката куќен притвор, се мерки за обезбедување присуство и сметав дека е сосема доволно за да се обезбеди нејзиното присуство“, изјави обвинителката Коневска.