Во текот на вчерашниот ден свои кандидатури за иден претседател на Социјалдемократскиот Сојуз поднесоа Фросина Ременски и Димитар Ковачевски.

Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Јован Деспотовски, изјави дека сериозно размислува да поднесе кандидтатура за претседател на СДСМ, но својата одлука за тоа ќе ја донесе до утре, кога и официјално ќе ја соопшти одлуката.
„Сериозно размислувам за тоа. Член сум на партијата 25 години и сум поминал различни нивоа од почетното најниско, до член на највисоките раководни структури на партијата. Сметам дека имам реални резултати во мојот професионален ангажман така што сметам дека можам да понудам и нов концепт околу кој ќе се обединат не само партијата, туку и општеството. Одлуката не е лесна. Предизвикот е голем, времето е доста комплицирано и одговорноста е голема. Одлуката ќе ја соопштам утре, бидејќи сакам денеска да го искористам денот да се исконсултирам дополнително со моите најблиски и со моето семејство зашто и нив ги вовлекувам исто така во целата приказна“,
рече Деспотовски во одговор на прашање на денешната средба со новинарите во Дирекцијата на ТИРЗ.
Досега своја кандидатура за нов лидер на СДСМ официјално поднесоа Фросина Ременски и Димитар Ковачевски, а Деспотовски порача дека е добро што има повеќе кандидати кои изразуваат волја да ја водат партијата.
„Добро е што има повеќе кандидатури затоа што го покажува демократскиот капацитет на партијата и дека има луѓе што се подготвени во комплицирано време да понесат одговорност и се справат со предизвици. Мене само ме радува што има поголем број на кандидати за лидерското место во партијата, но не мислам дека дискусијата треба да се води за тоа кој, туку за тоа каков човек треба да биде и како да им се излезе во пресрет на луѓето, а не на партијата“,
нагласи Деспотовски.