Според него, отворањето внатрешни битки и поделби е политика на сегашното раководство на партијата, кое го применува како метод за опстојување и преживување
Поранешниот директор на ТИРЗ и член на СДСМ, Јован Деспотовски, бара јавно извинување од раководството на својата матична партија, која вчера го нарече „квислинг“ кој заедно со уште неколку лица од медиумската и политичката сфера се под команда на ВМРО-ДПМНЕ, заради рушење на Социјалдемократскиот сојуз.

„Доколку веднаш не следи јавно извинување и повлекување на сите лажни и навредливи наводи во серијата соопштенија, ќе бидам принуден да преземам правни чекори за клевета и лична, а потоа и за континуирано нарушување на угледот на СДСМ. Никој нема право со валкани игри да руши нешто што е создавано со жртва, верба и идеали“,
вели Деспотовски во објава на Фејсбук.
Неговата објава доаѓа по синоќешното соопштение на СДСМ, во кое опозициската партија реагираше на интервјуто на ексградоначалникот на Скопје и поранешен висок функционер на партијата, Петре Шилегов, кој го обвини актуелното раководство на социјалдемократите за лошите изборни резултати и одлуките што тоа ги носи околу актуелни политички прашања во државата.
„Оваа специјална операција на ВМРО трае веќе неколку недели, секојдневно. Жестоко удираат по СДСМ: Геро, Ивона, Бетмен, Наум, квислингот Деспотовски и на крај Шилегов. Сите ги командува еден центар: ВМРО. Целта е рушење на СДСМ“,
напишаа од СДСМ во реакцијата.
Деспотовски вели дека нему, но и на секој социјалдемократ, кој се вградил во темелите на најстарата партија во Македонија, му е доста од лагите, конструкциите и манипулациите на сегашното раководство на СДСМ.,
Според него, единствен кој е одговорен за незадоволството помеѓу членовите на СДСМ е актуелното раководство на партијата.
Во тој контекст, Деспотовски се осврнува на одлуките на СДСМ да не учествува на минатонеделната лидерска средба, како и на ставот за клучни законски проекти од значење за безбедноста на граѓаните, алудирајќи на Законот за прекршоците што треба да го донесе Собранието за да може да профункционира системот „Безбеден град“.
„Ниту сметам, а најмалку чувствувам лична одговорност за тоа што поранешни, а и сегашни функционери на партијата веќе јавно коментираат за состојбите во СДСМ и за политиките и одлуките на сегашниот партиски врв. Никој друг освен сегашното раководство нема одговорност за исклучувањето на партијата од клучните процеси во државата. Од неучеството на средба на лидерите на најголемите партии, што е само дистанцирање од сопствената земја и граѓани. Од инаетењето со клучни законски проекти од значење за безбедноста на граѓаните“,
вели поранешниот директор на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ).
Деспотовски вели дека тоа што сега се случува во СДСМ одамна ја поминало секоја граница на внатрепартиска дебата. Наводите против него тој ги оценува како свесна клевета и политичка хајка, кои, како што додава, им нанесуваат штета не само на неговите име и интегритет, туку со нив се гази и угледот на партијата.
„Партија што низ децениите ја градеа илјадници другари, кои сигурно не сонувале дека нашата СДСМ ќе води дневна борба со медиуми и медиумски работници“,
вели тој.
Според него, отворањето внатрешни битки и поделби е политика на сегашното раководство на партијата, кое го применува како метод за опстојување и преживување.
Несогласувањата меѓу Деспотовски и актуелното раководство на Социјалдемократскиот сојуз траат од минатата година, кога партијата го обвини дека е дел од операцијата на ВМРО-ДПМНЕ за рушење на СДСМ однатре.
Деспотовски тогаш побара докази за ваквите наводи, а од СДСМ одговорија со барање до Централниот одбор (ЦО) за негово исклучување од партијата.
За потсетување, Деспотовски беше и еден од кандидатите за претседател на СДСМ, откако поранешниот шеф на партијата, Димитар Ковачевски, си поднесе оставка по поразот на парламентарните избори во 2024 година.

Синоќа и поранешниот скопски градоначалник и член на СДСМ, Петре Шилегов, во интервју на ТВ Телма го повтори својот став дека е потребна смена во раководството на СДСМ, наведувајќи дека ако тоа се случи, тогаш на следните избори сега опозициската партија ќе ја однесе победата над ВМРО-ДПМНЕ.
Тој го критикуваше раководството на СДСМ за монопoлизирање на носењето одлуки, што, како што кажа, е причина за поларизација во партија меѓу актуелните пратеници, како и високи актуелни и поранешни функционери внатре во партијата.
На неговите критики веднаш реагираа од СДСМ, наведувајќи дека обидите на ВМРО-ДПМНЕ за рушење на СДСМ однатре продолжуваат, меѓу другите, и преку Петре Шилегов.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска го прозва лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, да одговори како ексградоначалникот на Скопје и поранешен функционер во СДСМ, Петре Шилегов, одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а во минатото токму Филипче бил советник на министер од редовите на оваа партија.
