Претходно „Фокус“, повикувајќи се на неофицијални информации, објави дека Финансиската полиција го привела поранешниот директор на ТИРЗ поради наводна проневера на два милиона евра во ТИРЗ Струмица и ТИРЗ Штип
Поранешниот директор на ТИРЗ, Јован Деспотовски, ги демнатира тврдењата објавени во дел од медиумите дека бил приведен по налог на Управата за финансиска полиција (УФП). Според него, информацијата дека е приведен поради сомневање за проневера од два милиона евра е намерно дезинформирање на јавноста.
„Во моментов, ги преземам сите потребни правни чекори за заштита на мојата чест и углед. Навистина очекувам медиумите да ја проверат точноста на информациите пред нивно објавување, со цел да избегнат понатамошно ширење дезинформации. Мојата достапност и за институциите и за медиумите досега е потврдена во пракса и ќе остане така и во иднина“,
се вели во писмената реакција на Деспотовски која ја пренесе Радио Слободна Европа.
Претходно, „Фокус“, повикувајќи се на неофицијални информации, објави дека Финансиската полиција го привела Деспотовски поради наводна проневера на два милиона евра во ТИРЗ Струмица и ТИРЗ Штип.
Во рамките на истрагата ќе се бара замрзнување на имотот на компанија вмешана во наводната проневера, објави „Фокус“ повикувајќи се на свои извори.
Според извори на ТВ 21 од Финансиската полиција, Деспотовски бил повикан да даде исказ, но немало приведување, а в понеделник се очекува судот да одлучува за мерки на претпазливост, како што се одземање пасош и редовно јавување во суд.