Надлежностите околу гонењето на кривични дела, кои се поврзани и произлегуваат од незаконското следење на комуникациите или предметите на СЈО, се клучниот камен на сопнување, истакна вечерва министерката за правда Рената Дескоска во интервју за ТВ 24, во врска со преговорите за законот за ЈО.
Таа посочи дека ова го докажува и фактот оти на преговорите меѓу лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ од страна на Заев бил даден предлог да се формираат две обвинителства – едно кое ќе ги продолжи постојните случаи од СЈО и друго кое ќе гони носители на власта за евентуален криминал каде опозицијата ќе го предложи обвинителот, но дека ВМРО-ДПМНЕ тој предлог го одбиле.
Според Дескоска, интересот на опозицијата за избор на обвинител е поврзан со случаите на СЈО.
„Проблемот е во надлежностите околу гонење на кривични дела коишто се поврзани и произлегуваат од незаконското следење на комуникациите – предметите на СЈО, не само покренати постапки туку и истраги и предистраги. Тука е всушност главниот проблем – тие сега се трансферирани и не сакаат со новиот закон да се признае надлежност на Обвинителството за гонење на организиран криминал да продолжи да ги гони. Очигледно е дека ним таа надлежност им пречи“,
рече Дескоска.
Таа упати апел дека ВМРО-ДПМНЕ треба да се соочат со фактот оти трансферот на предметите е завршена работа.
„Она што најмногу ме загрижува е дека тие бараат целосно да запрат постапките, односно да нема надлежност за гонење на кривични дела коишто произлегуваат и се поврзани со незаконското следење на комуникациите, а тоа е всушност запирање на сите постапки коишто беа покренати од СЈО“, истакна Дескоска.
Дескоска во интервјуто за ТВ 24 беше децидна дека законот за Јавното обвинителство би се донел со осумдесет пратеници, без оглед дали во нив влегува ВМРО-ДПМНЕ или не, но дека би било добро да гласаат и тие поради консензус за борбата против корупцијата.