Таа се сомнева дека новите решенија што се предлагаат водат кон непотизам – вработување на децата на „докторските“ и „првничките“ фамилии, преземање кадар од еден на друг универзитет и продолжување на мандатите на ректорите и деканите, со можноста да бидат избрани повеќе од два пати
Универзитетската прoфесорка и поранешна министерка за образование и за правда, Рената Дескоска денеска се осврна на актуелната дебата околу актуелниот Предлог-закон за високо образование, изразувајќи сомнеж во искреноста и намерата на одредени одредби новото законско решение.

Дескоска, која беше министерка за образование од 1 јуни 2017 до 1 јуни 2018, и во чие време беше донесен актуелниот Законот за високо образование, ги оценува како несоновани тврдењата дека токму овој Закон е виновен што ниту еден универзитет од земјава не е меѓу првите 1 000 универзитети на Шангајската листа, бидејќи не пропишал нужен услов за избор во звање да биде објавување во списанија кои се индексирани во Web od Science.
Според универзитетската професорка на Правниот факултет „Јустинијан Први“, досега сите што ги носеле законските решенија, како министри во ресорот, се обидувале на различни начини да ја реализираат желбата за подобро рангирање на универзитетите во Македонија. Но, како што посочува, не се сите имале идентичен пристап. Некои го користеле методот на принуда и казнување, а други на стимули и награди.
„Тоа се два сосема спротивни пристапи кои всушност го отсликуваат и методот на владеење и идеолошкиот пристап генерално“,
вели Дескоска во подолгата објава на својот профил на Фејсбук, која неформално е насловена „ЗВО – ‘Шангајска’ или ‘Шиндлерова’ листа“.
Според неа, Законот за високо образование кој е сега важечки го применува методот на стимулирање на објавување во престижни списанија и предвидува два вида на финансиска компензација за тоа, односно. Министерството за образование и наука, вели таа, ги надоместува трошоците за објавување трудови во индексирани списанија и доделува парична награда за тоа.
„И тоа се стимулативни мерки. ‘Законот на Нино Тодоров’ (министер за образование во владата на Никола Груевски н.з.) и „Законот на Весна Јаневска“ (актуелната ресорна министерка н.з.) преку принципот на принуда и притисок се обидуваат да го зголемат бројот на објавени трудови во индексирани списанија, предвидувајќи го како неопходен услов за напредување и избор во звање“,
вели Дескоска.
Во таа насока, таа како небулоза го оценува тоа што во предлогот законот за кој сега се дебатира, за избор во повисоки звања се предвидуваат тешко, а во некои области и неостварливи услови, кои, според неа не зависат од кандидатите.
Како пример, таа го наведува тоа што од кандидатите за повисоки звања се бара да имаат одредена висина на h-индекс, кој се определув според тоа колку од нивните трудови се цитирани.
„Значи, се пропишува услов кој не зависи од кандидатот, туку од тоа колку ќе Ве цитираат. Ако се бара исполнување услови, треба тоа да се услови кои лицето кое конкурира може самостојно да ги исполни, а не исполнувањето на условите да зависи од дејствија на други лица“,
наведува Дескоска.
Според неа, иако достижни, условите кои се пропишани во Законот за високото образование од 2018 година, се покажало дека на некои факултети одредени лица не можат да ги исполнат, но сепак по нив биле вршени изборите за повисоки звања.
Оттука, вели таа, произлегува најлесното правило за однесување во Македонија – полесно е да го смените законот, отколку да го спроведете.
Сега, вели Дескоска, ќе се покачат условите за избор, па за оние на кои власта им е благонаклонета, ќе се замижи ако не ги исполнуваат условите, а на другите „ќе им се покаже вратата“.
Во тој контекст, нејзините сомнежи се дека нереалните услови за избор во звања што, според неа, се содржани во предлог законот за високо образование, се намерно направени за да се одвлече вниманието од други одредби „кои всушност се вистинската цел на измена на законот.
„Тоа е како уставните измени кои беа предложени во 2014 година, кога јавноста ‘трчаше’ по предлогот за уставна дефиниција на бракот, а всушност главната измена која беше планирана беше Македонија да стане слободна финансиска зона или како што многумина оценија тогаш ‘пералница на пари’“,
наведува таа.

Таа се сомнева дека новите решенија што се предлагаат водат кон непотизам – вработување на децата на „докторските“ и „првничките“ фамилии, преземање кадар од еден на друг универзитет и продолжување на мандатите на ректорите и деканите, со можноста да бидат избрани повеќе од два пати.
Универзитетската професорка смета и дека новото законско решение, содржи одредби за централизација на универзитетите и упад во нивната автономија.
Она што според Дескоска е најсимптоматично е што министерката за образование, Весна Јаневска не го обзнанува тимот што го пишувал законот.
„Тоа може да значи неколку работи: или нема тим, туку партиски извршители кои треба да ја спроведат агендата со лични/партиски интереси, или ‘тимот’ и подметнал ‘кукавичјо јајце’ и ја остава нејзе сама да се компромитира и да го брани она што е неодбранливо“,
вели Дескоска.
