Министерката за правда ги анализираше денеска ставовите во однос на новото законско решение за ЈО што произлегоа од дводневната јавна расправа
Не е точно дека Специјалното јавно обвинителство е неуставен концепт. Такви обвинителства постојат и во други држави, посебно во регионот, реагира денеска министерката за правда Рената Тренеска-Дескоска. Анализирајќи ги излагањата од вчерашниот прв ден од јавната расправа, посветена на новиот предлог-закон за ЈО, Дескоска рече дека концептот за задржување на СЈО бил отфрлен затоа што немало политичка волја за тоа. Затоа се одело на варијанта за преминување на СЈО во рамки на редовното обвинителство, односно негово спојување со Обвинителството за организиран криминал.
Во однос на предлогот опозицијата да го предлага државниот јавен обвинител, Дескоска на денешната прес-конференција рече дека во текот на јавната расправа немало поддршка за вакво решение, туку заложби за деполитизација на Обвинителството. Таа рече дека при допрецизирањето на новиот предлог-закон за ЈО ќе бидат земени предвид предлозите од јавната расправа, според кои треба да се обезбеди поголема транспарентност на изборот на прв човек на Обвинителството за организиран криминал.