Исплашените од избори треба да знаат дека за нас задолжително дејство имаат одредбите на нашиот Устав, а не на грузискиот, вели министерката за правда и членка на Венецијанската комисија
Не е точно дека Венецијанската комисија препорачува дека треба да поминат најмалку 60 дена по престанокот на вонредната состојба за да може да се организираат избори, вели министерката за правда Рената Тренеска Дескоска коментирајќи написи во одредени медиуми дека постои препорака, по примерот на Грузија и на Турција, дека треба да поминат два месеца по завршување на вонредната состојба, затоа што „изборите бараат мирна политичка атмосфера и целосно почитување на сите слободи и човекови права“.
Дескоска, која сега е и претставник на земјата во Венецијанската комисија, напиша на Фејсбук дека е интересно да се гледа како стравот од избори и свесноста за пораз на опозицијата на нив, тера некои луѓе, како што оценува, да спинуваат – најнеписмено и најнепрофесионално.
„Во извештајот од кој наведуваат фрагментарни делови, почетната реченица во делот за избори е дека ‘не постои формално правило во меѓународното право кое ќе им забрани на државите да одржуваат избори или референдум, дури и за време на вонредна состојба’ Понатаму извештајот реферира на различни уставни и законски примери од земјите за чии законодавства давале мислења, меѓу кои е и Уставот на Грузија, кој предвидува дека по воена или вонредна состојба нема да се спроведуваат избори пред истек на 60 дена. Таков е грузискиот устав. Нашиот устав е поинаков и тој предвидува дека нема да се спроведуваат избори само за време на траење на вонредна или воена состојба, односно дека за време на воена или вонредна состојба се продолжуваат мандатите на пратениците и на претседателот на државата“,
објаснува Дескоска.
Одредбата од грузискиот Устав, посочува Дескоска, не е задолжителен стандард на Венецијанската комисија, како што пофалбите кои ние ги добивме од Венецијанската комисија за законите во областа на судството не се задолжителен стандард за другите земји.
„Тие се нешто што другите можат да ги земат како добри практики при измена на нивното законодавство. Така што исплашените од избори треба да знаат дека за нас задолжително дејство имаат одредбите на нашиот Устав, а не на грузискиот“,
пишува Дескоска.