Повредени се двајца граѓани и шест припадници на полицијата, информира Министерството за внатрешни работи на Србија
Десетици лица се приведени во инцидентите што се случија вчера по протестот во центарот на Белград, соопшти директорот на српската полиција Драган Васиљевиќ. На прес-конференција тој информираше дека повредени се шест полицајци и двајца граѓани кои биле примени во Ургентниот центар. Полицијата, според него, постапила професионално, го зачувала јавниот ред и мир со минимална употреба на сила.
„Началниците на полициските единици што беа во кордонот ја предупредија групата луѓе дека нема да можат да поминат понатаму. Ова не вроди со плод, тие ги нападнаа полицајците. Во кордонот имавме членови на полициските интервентни единици засилени со припадници на нашата жандармерија. По нападот, кој траеше пет или шест минути, полицијата мораше да интервенира“,
рече Васиљевиќ.

Според директорот на српската полиција, демонстрантите од плоштадот „Славија“ се обиделе да тргнат кон Пионирскиот парк и не ги слушале повиците на полицијата да се повлечат.
Студентите во блокада вчера објавија дека полицијата употребила прекумерна сила врз дел од демонстрантите и порачаа дека за радикализацијата на протестите и насилството, одговорноста е на власта.
„Властите ги имаа сите механизми и целото време да ги исполнат барањата и да спречат ескалација. Наместо тоа, тие се одлучија за насилство и репресија врз граѓаните. Секоја радикализација на ситуацијата е нивна одговорност“,
се наведува во објава на студентите во блокада.
Вчера во Белград се одржа масовен собир на плоштадот „Славија“ под слоганот „Се гледаме на Видовден“. Собирот почна околу 18 часот, а во 21 часот студентите во блокада го прогласија протестот за завршен откако истече ултиматумот што ѝ го испорачаа на власта за распишување вонредни избори.