Десетина негувателки и воспитувачки вработени во ЈОУ „Детска радост“ и петте клона во Гевгелија се заразени со ковид-19. Како што вели директорката на установата Елизабета Стојменова за МИА, поради ваквата состојба се соочуваат со тешкотија да излезат во пресрет на сите барања на родителите
„Поради ситуацијата, во моментот згрижуваме 500 дечиња, меѓу кои за среќа немаме заболено ниту едно дете, но поради почитување на здравствените протоколи не сме во можност да им излеземе во пресрет на сите барања од родителите. Со помош на општината најдовме соодветни замени за заболените така што воспитниот процес продолжи да тече без никаков застој“,
рече Стојменова.
Според неа, минатата година, во периодот на пандемијата кога градинките беа затворени, биле вложени повеќе од пет милиони денари сопствени средства за подобрување на условите за престој на децата и вработените во централната градинка во Гевгелија и нејзините пет клона во Општината. Покрај тоа, вели Стојменова, успеале да отворат оддел за јасли во Миравци и да ја доградат градинката во село Прдејци за која се очекува согласност за доекипирање и згрижување на 20 дечиња.
Годинава се очекува ветената поддршка од Министерството за труд и социјална политика, со која ќе се прошират сместувачките капацитети во градинката „Сончогледи“ за згрижување на уште стотина деца.