Од ЦУК – Кичево велат дека тоа е поради искинати електроводови и и паднати електрични столбови, а екипи на ЕВН работат на нормализирање на ситуацијата
Проблем претставува тешко пристапниот терен и непроодните патишта
Десетина села во Кичевско три дена се без струја откако снегот кој во саботата наврна во земјава им создаде многу неприлики на селаните од повеќето рурални средини во југозападниот дел од земјава. И покрај интензивната акција што ја спроведе ЕВН, сепак поради тешко пристапниот терен и непроодните патишта сè уште некои места се без струја.
Од ЦУК – Кичево велат дека тоа е поради искинати електроводови и и паднати електрични столбови.
„Се работи за селата: Прострање, Црско, Кладник, Карбуница, Душегубица, Иванчишта, Ехловец, Малкоец и Тајмиште. Екипи на ЕВН секојдневно се на терен, но тешко пристапните делови во регионот каде што има паднати електрични бандери или искинати електроводови, придонесоа веќе четвртти ден жителите од овие селски населби да немаат струја. Во текот на денешниот ден се очекува во поголем дел од овие села да се обезбеди електрично напојување и да се отстранат постоечките дефекти“,
информираа од РЦУК ПО Кичево.
Жители се жалат дека поради ваквата состојба има опасност од расипување на залихите во фрижидерите и затоа очекуваат во текот на денежниот ден конечно и во нивните села да се воспостави нормално снабдување со струја.
Инаку, поради ниските температури во ноќните саати, патиштата до ридско-планинските села во кичевскиот регион се тешко проодни и лизгави и при движење на возилата се бара поголема внимателност токму поради лизгавите коловози.
