„Има една пациентка во една навистина тешка состојба, со нарушување респирацијата, но и на свеста и преговараме со Клиниката за инфективни болести евентуално да ја земат бидејќи веројатно ќе ѝ треба респиратор. Пациентката е позитивна на инфлуенца“, рече медицинскиот директор на Клиниката за пулмологија и алергологија Дејан Докиќ
Околу десет пациенти со грип се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести, а тројца од нив се веќе дијагностицирани со ковид. Но, нема простор за паника, сè е под контрола и се следат сите упатства од Комисијата за заразни болести, изјави денеска министерот за здравство Фатмир Меџити одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија по повод отворање нов дијагностички центар и набавка на нова медицинска опрема.

И на Клиниката за пулмологија и алергологија, како што рече медицинскиот директор Дејан Докиќ, има пациенти со грип.
„Има една пациентка во една навистина тешка состојба, со нарушување на респирацијата, но и на свеста и преговараме со Клиниката за инфективни болести евентуално да ја земат бидејќи веројатно на ќе ѝ треба респиратор. Пациентката е позитивна на инфлуенца“,
рече директорот.
Не е доцна за вакцинирање, порача Докиќ и укажа дека за да бидат вакцинирани пациентите мора да бидат здрави.
„Пациент кој е болен, потенцијално можеби има вирус, во тој случај не би можело да се вакцинира“,
рече тој.
Запрашан дали има зголемување кај пациенти пушачи со заболувања, меѓу кои и канцер, директорот одговори дека отприлика бројот на новодијагностицирани е сличен како и претходните години.
„Со Министерството за здравство се работи програма за рана дијагноза на белодробниот карцином, што е број еден карцином по смртност кај мажите, а трет кај жените. Со оваа програма верувам дека и ние ќе придонесеме рано, во почетните стадиуми да се откријат пациенти со белодробен карцином, за да можат ефикасно и успешно да се лекуваат“,
изјави Докиќ.
Одговарајќи на прашања, Меџити рече дека на Влада поминала физибилити студијата за Клиничкиот центар во Скопје и оти му доаѓа крајот на сообраќајниот метеж.
Во однос на проблемите со термини, Меџити апелира да се почитуваат закажаните термини и да се доаѓа на закажан термин или да се откаже ако пациентот е спречен да дојде.