Најголемиот број учесници се од Македонија, а останатите доаѓаат од Аргентина, Италија, Португалија, Полска и Србија
На 38. издание на Охридскиот пливачки маратон кој ќе се одржи во сабота во водите на Охридското езеро, учество ќе земат вкупно шеснаесет пливачи. Во машка конкуренција се пријавени десет учесници и тоа четири од Македонија – Александар Илиевски, Петар Цеков, Леонид Мишевски и Лазар Поп Трајков, тројца учесници од Италија, двајца од Аргентина, како и еден пливач од Португалија, додека пак кај жените има само еден претставник на земјава – Росана Гошева, а останатите доаѓаат од Италија, Полска, Аргентина и Србија.

На вечерашната промоција, нашиот најдобар маратонец Томи Стефановски доби признание за промоција и афирмација на Охридскиот пливачки маратон. По повод 16-годишнината од препливувањето на Ла Манш, годинава исплива 16 километри во Охридското езеро за инклузија на децата со атипичен развој. Пред два дена, македонскиот пливач Евгениј Поп Ацев го преплива Ла Манш и стана петтиот Македонец со вакво достигнување.