По „Марковски компани“, во првите 10 фирми најголеми добитници на тендери се и „Д-р Пановски“, „Пуцко петрол“, „Алкалоид конс“, „Енерџи деливери солушнс“, „Макпетрол“, „Илинден“-Струга, Гранит, „Македонски телеком“ и „Стентон градба“-Битола
Дури една петтина од вредноста на договорите, односно 30 милиони евра, според истражувањето, фирмата „Марковски компани – Борче“ ги добила во нетранспарентна постапка, односно со преговарање без претходно објавен оглас за јавна набавка
Интересно е што, според истражувањето, одредени компании во изминатите пет години имале поголема вредност на склучени договори за јавни набавки отколку вредноста на вкупните приходи што ги оствариле. Ова, како што велат од Центарот за граѓански комуникации, значи дека договорите се склучени, но побарувањата за нив или сè уште не доспеале или, пак, не се наплатени
За период од пет години, конкретно од 2019 до 2023 година, во земјава се склучени договори за јавни набавки во вкупна вредност од 359 милијарди денари, односно 5,8 милијарди евра, а 36 отсто, односно околу 2,1 милијарда евра од вредноста на тендерите им припаднала на 50 фирми. Само првите 10 фирми што се на врвот на оваа листа, чија анализа открива висока концентрација на тендерите кај мал број компании, добиле тендери во вредност од близу 1,3 милијарда евра.

Во листата на најголеми добитници на тендери се градежни компании, веледрогерии, дистрибутери на нафтени деривати… На дел од компаниите што се на листата со 50 најголеми добитници на тендери, речиси целиот бизнис им почива на договори за јавни набавки.
Ова го покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) за 50 фирми кои се офајдиле со најмногу пари од јавните набавки во периодот од 2019 до 2023 година.
Според истражувањето, во овој период биле склучени 168 400 договори за јавни набавки со 6 378 фирми. Од ова, како што наведуваат од ЦГК, се покажува дека тендер добиле 9 отсто од вкупно регистрираните околу 71 300 фирми во земјава.
На годишно ниво, се додава, тендери добивале помеѓу 3 300 и 3 800 фирми.
Во најголем дел од тендерите фирмите немале конкуренција
Прва на листата најголеми добитници на тендери е фирмата „Марковски компани – Борче“ од Битола. Оваа компанија во периодот опфатен во истражувањето склучила вкупно 77 договори за јавни набавки во вкупна вредност од 151 милион евра. Од нив дури 66 тендери биле со државното претпријатие АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) во вредност од 141 милион евра или 93 проценти од вкупната вредност на тендерите.
Договорите се за ископ на јаловина со градежна оператива во ПЕ „Рудници“ (РЕК Битола), за ангажирање помошна механизација за потребите на рударската оператива во ПЕ „Рудници“ (РЕК Битола), ремонтни активности, високостручни машински интервенции со работна рака, услуга од работна рака за тековни машински интервенции итн.
Дури една петтина од вредноста на договорите, односно 30 милиони евра, според истражувањето, фирмата „Марковски компани – Борче“ ги добила во нетранспарентна постапка, односно со преговарање без претходно објавен оглас за јавна набавка.

Инаку, оваа фирма вчера повторно се најде во фокусот на јавноста, откако актуелниот директор на РЕК „Битола“ соопшти дека ја раскинал рамковната спогодба за ископ на јаглен и јаловина која во февруари годинава ја потпиша претходното раководство на „Електрани на Северна Македонија“ со фирмата „Марковски компани – Борче“ ДООЕЛ. Договорот беше со важност од 18 месеци, односно до август 2025 година. „Марковски компани“ имаше и подизведувачи, меѓу нив и две фирми од Струмица, кои политиката и медиумите низ годините често ги поврзуваа со семејството на поранешниот премиер Зоран Заев.
На второ место со склучени 1 491 договор во вредност од 144 милиони евра за пет години е акционерското друштво за производство на лекови, медицинска опрема и материјали, промет и услуги „Д-р Пановски Скопје“.
Листата на институции со кои оваа веледрогерија имала склучено договори, според анализата, е долга, но сепак во неа доминираат две институции – Министерството за здравство и Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија.
„Вредноста на договорите склучени помеѓу ‘Д-р Пановски’ и Министерството за здравство вкупно изнесуваат околу 3,7 милијарди денари, односно 60 милиони евра, а со Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија вредноста на тендерите изнесува 1,3 милијарди денари, односно 21 милион евра. Дури 542 договори за јавни набавки се склучени во постапки во кои учествувал само ‘Д-р Пановски’. Вкупната вредност на овие договори изнесува 44 милиони евра што е 31 % од вкупната вредност на склучените договори“,
се наведува во истражувањето на ЦГК.
На трето место е фирмата од бизнисот со нафтени деривати „Пуцко петрол“ ДООЕЛ од село Пласница, која, исто така, се споменува периодов како добавувач на нафта за Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“. По еден поништен и еден неуспешен тендер, вчера беше објавено дека ЈСП „Скопје“ одлучило да се реализира интервентна набавка на нафта во вредност од 120 милиони денари без ДДВ, со „Пуцко петрол“ кој бил единствениот понудувач.
Според истражувањето на ЦГК, оваа фирма за пет година склучила 1 776 договори во вредност 137 милиони евра. Најголемиот поединечен клиент му било токму Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ со кое во периодот 2019-2023 година има склучено два договори во вкупна вредност од 40 милиони евра.
„Дури 658 од вкупно добиените 1 776 договори се склучени во постапка за јавна набавка во која учествувал само ‘Пуцко петрол’ и немал конкуренција. Вредноста на овие договори изнесува 68 милиони евра, односно половина од вкупно добиените“,
се наведува во анализата.
Следен, односно четврти на листата е „Алкалоид конс“ ДООЕЛ Скопје со 1 426 договори за јавни набавки во вредност односно 130 милиони евра.
Најголемите договори оваа веледрогеријата ги има склучено со Министерството за здравство и тоа во вредност од 53 милиони евра.
Фирмата „Енерџи деливери солушнс“ АД Скопје, која е петта според добиени тендери има склучено 580 договори во вредност од околу 103 милиони евра. На листата со која соработувала оваа фирма се низа институции – од министерства, преку државни претпријатија до образовни установи. Гледано поединечно, некои од најголемите договори на оваа фирма се склучени со Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП). Во 77 склучени договори „Енерџи деливери солушнс“ немал конкуренција и бил единствен понудувач.
На шестото место според вредноста на склучените договори е нафтениот дистрибутер Макпетрол со 1 570 договори во вредност од 79 милиони евра. Дури 1 242 договори се склучени во постапки во кои Макпетрол бил единствен понудувач. Вредноста на овие договори во периодот 2019-2023 година изнесува вкупно околу 68 милиони евра, односно 86 отсто од вредноста на сите договори. Гледано на ниво на институции, еден од најголемите купувачи на нафтени деривати од „Макпетрол“ е Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој со која во анализираниот петгодишен период се склучени 9 договори во вредност од 21 милион евра.
На седмата позиција е градежната компанија „Илинден“ АД Струга со склучени 64 договори во вредност од околу 74 милиони евра. Нешто помалку од третина од вредноста на овие договори е склучена во постапки во кои оваа градежната компанија немала конкуренција. Најголемиот договор што оваа градежна компанија го има склучено е со Јавното претпријатие за државни патишта за изградба на регионален пат P2246 делница, Избор (спој со А2) – Гарски мост во вредност од 28 милиони евра.
По неа следува уште една градежна компанија, овој пат од Скопје. Станува збор за „Гранит“, фирма која од 2019 до 2023 година склучила 18 договори во вредност од нешто помалку од 74 милиони евра. Како и „Илинден“, најголем дел од договорите оваа градежна фирма ги склучила со Јавното претпријатие за државни патишта, односно 8, во вкупна вредност од 51 милион евра.
Најголемиот телекомуникациски оператор во земјава „Македонски телеком“ е на деветтото место на листата на најголеми добитници на тендери, со склучени 1 168 договори во вредност од 68 милиони евра. Секој петти договор на компанијата, според истражувањето, е склучен во постапка во која фирмата немала конкуренција.
„Групата на првите 10 компании со најголема вредност на јавните набавки во периодот 2019-2023 година ја заокружува градежната компанија ‘Стентон градба’ Битола. Компанијата има склучено 168 договори во вредност од 66,5 милиони евра. Најголемите по вредност договори ова претпријатие ги има склучено со Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони. Во период 2019-2023 година ‘Стентон градба’ има склучено три договори во вкупна вредност од 32 милиони евра“,
покажува анализата на ЦГК.



Скопски и битолски фирми
Инаку, според локацијата, фирмите кои добиле најголема вредност на тендерите во овој петгодишен период, во најголем дел, односно 95 отсто се компании од Македонија, а само пет отсто се од странство.
Од домашните фирми, во добивањето тендери убедливо најприсутни се оние од Скопје, а по нив следуваат битолските.
„Во листата на 50 најголеми добитници, дури 29 фирми се од Скопје. Притоа вредносниот удел што скопските фирми го имаат во вкупно добиените тендери изнесува 60 отсто, односно околу 1,3 милијарди евра. Следни се фирмите од Битола, од каде во листата на 50 најголеми се наоѓаат 5 фирми со вкупна вредност на добиени тендери од 322 милиони евра. Сите останати фирми од земјата имаат удел од 20 %, односно околу 410 милиони евра. Во првите 50 има само 6 компании од странство и вредноста на нивните набавки е 96 милиони евра“,
се наведува во истражувањето.
Доминираат градежни и фармацевтски компании
Според дејноста, високи 39 проценти од вредноста на договорите отпаѓа на градежништвото во кое припаѓаат и договорите на АД Електрани за користење механизација и работници за ископ на јаглен. На второ место се тендерите за набавка на лекови и медицинска опрема во вредност од 559 милиони евра и удел од 27 %, а на трето се нафтените деривати со вредност од 297 милиони евра и удел од 14 %. Сите други фирми, согласно дејноста, имаат удел под 10 %.
Интересно е што, според истражувањето, одредени компании во изминатите пет години имале поголема вредност на склучени договори за јавни набавки отколку вредноста на вкупните приходи што ги оствариле.
Ова, како што велат од ЦГК, значи дека договорите се склучени, но побарувањата за нив или сè уште не доспеале или, пак, не се наплатени.
„Но, ова секако зборува дека бизнисот на овие компании целосно почива на јавните набавки и склучување на договори со државни институции. Таков е случајот со ‘Марковски компани’, ‘Д-р Пановски’, ‘НБ-цомпану’ и ‘Димакс рудници’“,
се вели во анализата.
Во групата компании кои речиси целосно се посветени на јавните набавки се „Алкалоид конс“ ДООЕЛ Скопје, „Стентон градба“ Битола, „Биотек“ ДОО Скопје, „Авицена“ ДОО експорт-импорт Скопје, „Елбијор“, „Топ билд“ Скопје и други.
Најголемиот договор за јавни набавки склучен во анализираниот петгодишен период е на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, склучен во декември 2023 година со градежната компанија „Стентон градба“ Битола за изведба на објекти за времено сместување и амбуланта за прва помош, детски градинки и складишта со придружни содржини (паркиралишта) во ТИРЗ Скопје 1 и ТИРЗ Скопје 2, и објекти за времено сместување, детски градинки и складишта со придружни содржини (паркиралишта) во ТИРЗ Штип и ТИРЗ Прилеп по принцип на изградба клуч на рака.
Вредноста на договорот изнесува 29 милиони евра.
Следните два договори се на Јавното претпријатие за државни патишта. Едниот е за изградба на регионален пат Р2246 делница, Извор (спој со А2) – Гарски мост склучен со градежната компанија „Илинден“ АД Струга во вредност од 28 милиони евра, а вториот за поправка и рехабилитација на државни патишта склучен со две фирми, „Ескаватори-МК“ ДООЕЛ Скопје и „Илинден“ АД Струга.

Истражувањето и анализата на собраните податоци, како што информираат од Центарот за граѓански комуникации, е направено преку преземање и обработка на податоците објавени на Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) и на „Бизнис-мрежа“. Податоците за склучените договори и за спроведените постапки за јавни набавки биле преземени од ЕСЈН заклучно со средината на октомври 2023 година, додека пак податоците за вкупните приходи на компаниите и бројот на вработени се преземени од веб-платформата „Бизнис-мрежа“.