Парламентарните избори повторно да се организираат од почеток, со нивно распишување, за да не може некој да го оспори нивниот легитимитет, предлага претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Оливер Деркоски.
Тој во интервју за ТВ24 вечерва кажа дека има многу отворени прашања што сите политички фактори во земјата треба да ги решат, а исто така смета и дека Уставниот суд треба да се вклучи во надминување на правната празнина во однос на решението за распишување на параментарните избори, со преиспитување на решението на претседателот на Собранието за денот на изборите и како тоа решение да се измени со друг датум.
„Мора да се најде уставно издржано решение, да се договори консензуално меѓу сите политички фактори и во таа ситуација никој нема да го доведе во прашање легитимитетот на изборите. Остануваат неколку месеци до редовните избори, не е никаков проблем да се изнајде вистинско решение. Единствено на кое јас апелирам е дека треба да се создадат максимално добри услови за организација и да се има фер натпревар во таа изборна трка“,
вели Деркоски.
Условот за да има избори, според него, е да се одреди изборен ден, а ДИК не е надлежна за тоа.
На прашањето, дали ДИК можеби ќе достави своја иницијатива до Уставниот суд за тоа, тој рече дека веќе има неколку иницијативи и дека ќе почекаат да видат што ќе се случува деновиве. Сепак, негово мислење е дека треба да се прифати иницијативата на претседателот на државата таму да се разговара за прашањето, да се донесат одлуките и да се изнајде законито решение за излез од ситуацијата.
Според Деркоски, исто така ќе треба да се повтори и целата постапка за Избирачкиот список бидејќи има промени – починати лица, лица кои наполниле 18 години итн.
За Деркоски не е спорно дека треба да има избори, но не и ако тоа го загрозува здравјето на граѓаните.
Тој укажа дека на денот на гласање, од своите домови за да го дадат својот глас ќе излезат можеби милион граѓани кои треба да се чуствуваат безбедно, а треба да се земе предвид и дека во целиот изборен процес се ангажирани околу 35 000 лица.