По денешното потпишување на Кодексот за фер и демократски избори, претседателот на Државната изборна комисијата Оливер Деркоски рече дека изборите годинава ќе се одвиваат во исклучително сложена ситуација, пред сè поради пандемија на ковид-19.
„Предизвик за сите нас кои го организираме процесот, меѓутоа и пред сите кои учествуваат во процесот. Јас се надевам дека сите учесници ќе си земат обврска да ги испочитуваат протоколите за заштита на здравјето на граѓаните, а до граѓаните апелирам да веруваат во институциите дека овој процес ќе се организира на најдобар можен безбеден начин за да можат да го остварат своето право на глас. Впрочем, тие се на ред на наредните избори за да можат да го дадат својот глас и да одлучат понатаму како ќе се одвива состојбата во нашата држава“,
рече Деркоски.
Тој денеска најави дека наскоро ќе бидат изготвени и здравствените протоколи.
„Треба да стигне до ДИК протокол како треба да се организираат настаните што значат гласање, два дена, ден и на денот на изборите за заштита и на граѓаните, меѓутоа и на изборните органи. Ние ќе ги пропишеме нив во наше упатство, подзаконски акти, и со тоа ќе се обидеме да ги заштитиме граѓаните на најдобар можен начин. Јас сум убеден дека ќе успееме во тоа, и покрај сите предизвици што ги имаме“,
рече Деркоски.
Членови на ДИК заедно со нивните служби во текот на следните денови, како што информираше тој, ќе излезат на терен да извршат проверка и да најдат соодветни гласачки места со цел да обезбедат безбедно гласање.
Деркоски соопшти дека МВР денеска го достави Избирачкиот список, кој сега поминува во втора фаза на обработка.
