Фестивалот започна со симболичното отворање на градината пред трговскиот центар каде беа засадени 400 садници кои се донација од холандската компанија Еуропеан плантс, а беше поставена и скулптура-велосипед
По повод одбележувањето на триесетгодишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Холандија и Северна Македонија, амбасадорот на Холандија Дирк Јан Коп и генералниот менаџер на „Ист гејт мол“ Игор Даков ги отворија Деновите на Холандија, фестивал на холандската култура, дизајн и храна кој се одржува во трговскиот центар и ќе трае до 30 април.
Фестивалот започна со симболичното отворање на градината пред трговскиот центар каде беа засадени 400 садници кои се донација од холандската компанија Еуропеан плантс, а беше поставена и скулптура-велосипед изработена од средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ и Факултетот за шумарство Ханс Ем, кој беше вклучен и во севкупниот дизајн на градината.


За време на викендот, на 22 и 23 април посетителите на трговскиот центар ќе имаат можност да ја откријат Холандија со сите свои сетила: традиционален пазар со холандска храна и пијалоци, саем на цвеќе и велосипеди и изложба, како и специјална виртуелна прошетка.
„Се надевам дека пријателството меѓу нашите две држави ќе расте како и градината што ја засадивме заедно“,
истакна амбасадорот Коп во своето обраќање и им се заблагодари на спонзорите на настанот: Еуропеан плантс, Пивара Скопје, Унипласт, Антура и Рудине.

„Секоја земја во светот е уникатна по одредени обичаи, традиции, начин на живот, а овие денови Ист гејт мол е во знакот на Холандија, со автентична храна, цвеќе и велосипеди“,
рече генералниот менаџер Давков и ги покани граѓаните да го посетат центарот и да се придружат во одбележувањето на јубилејот.