Студентите се надоврзаа на низата собири и предводеа огромен протест во Крагуевац, додека претседателот Александар Вучиќ порача „Готово е“, односно дека протестите се движат кон крајот
Денот на државноста на Србија денеска беше одбележан со два паралелни митинзи, сосем спротивни по испратените пораки.
Студентите се надоврзаа на низата собири и предводеа огромен протест во Крагуевац, додека претседателот Александар Вучиќ порача „Готово е“, односно дека протестите се движат кон крајот.
Поттикнати од трагедијата кога се урна бетонска настрешница над железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 15 луѓе, демонстрантите неколку месеци бараат фундаментални политички промени во државата.
Денешниот митинг во Крагуевац привлече десетици илјади луѓе кои повикаа на искоренување на неконтролираната корупција и почитување на владеењето на правото.
Заедно со наставниците, земјоделците и другите работници, студентите добија поддршка и од пошироката јавност, поради тоа што многу граѓани во Србија за трагедијата коренот го гледаат во корупцијата на владата. Во Крагуевац допатуваа од цела Србија со автобуси, притоа удирајќи на тапани, дувајќи во свирчиња и веејќи го државното знаме на Србија. Демонстрантите одржаа и 15-минутен молк во знак на оддавање почит на загинатите во Нови Сад.
Го избраа Крагуевац за денешниот митинг поради тоа што во 1835 година, Србија сè уште била дел од Отоманската империја, а жителите на Крагуевац објавиле нов устав со кој се обидувале да ги ограничат овластувањата на тогашните владетели. Датумот сега се слави како Ден на државноста.
Во меѓувреме во Сремска Митровица, Вучиќ зборуваше за „надворешни сили“ кои не успеале да го соборат со сила. Беше усвоена Декларација за Војводина на повик на српскиот претседател.
„Јавете им дека дека револуцијата им пропадна“,
рече Вучиќ.