Според медиумите претставува предизвик од огромни размери и една од најкомплицираните логистички мисии во историјата на САД
Во САД денеска започнува кампањата за вакцинација против ковид-19, која во земјата е наречена „Денот Д“.
Во тек е дистрбуција на вакцините кои приоритетните групи треба да ги примат од денеска, што според медиумите претставува предизвик од огромни размери и една од најкомплицираните логистички мисии во историјата на САД.

Авиони и камиони од викендов почнаа да ги транспортираат првите одобрени вакцини за новиот коронавирус низ САД, така што речиси три милиони дози ќе стигнат до болниците во сите 50 федерални држави, пишува Фајненшл тајмс.
По одлуката на американската Администрација за храна и лекови во петокот, 11 декември, за одобрување на вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“, во саботата, работниците во фабриките во Висконсин и Мичиген започнаа да ги пакуваат дозите што ќе ги превезуваат преку компаниите за брза достава УПС и Федекс.
Според планот, прво ќе бидат распределени 2,9 милиони дози, додека други 2,9 милиони ќе бидат испратени за втора вакцинација по три недели. Уште 500 000 дози се чуваат во резерва за итни случаи.
Првите пратки ќе бидат доставени на 145 локации во 50 сојузни држави денеска – претежно во големи болници кои можат да ја чуваат вакцината на минус 70 степени Целзиусови, додека наскоро првите вакцини ќе бидат дадени надвор од здравствените установи.
Вакцините ќе пристигнат на уште 425 локации во вторник, а потоа на 66 в среда.
Американскиот генерал Густав Перн, одговорен за дистрибуција на вакцините, тврди дека САД се на пат да достават 40 милиони дози до крајот на годината, иако тоа зависи дали вакцината на „Модерна“ ќе биде одобрена оваа недела, за што одборот на научни советници ќе се состане в четврток , 17 декември.

Американските здравствени власти се очекува да им дадат приоритет на здравствените работници и штитениците во домовите за стари лица, додека оние кои не се во највисоките приоритетни групи најверојатно ќе можат да ја добијат вакцината во јануари, додека таа за поширокото граѓанство генерално ќе биде достапна во април.
Во некои институции, приоритет ќе имаат работниците во одделенијата за интензивна нега, додека во други, приоритет ќе имаат оние кои работат со пациенти со рак и новороденчиња.
Исто така е дилема дали да се дадат вакцините прво на оние кои се под целосна заштитна опрема или на оние кои носат само маски и можат да дојдат во контакт со асимптоматски случаи.
Предизвик со зачудувачки размери додека смртноста бележи рекорд
Со одобрување на вакцината на „Фајзер-Бионтек“, почна една од најкомплицираните логистички мисии во историјата на САД, обележувајќи нова фаза на пандемијата, проценува „Вашингтон пост“.
Сепак, експертите, според весникот, предупредуваат дека имунизацијата во раните фази нема да го потисне интензивирањето на пандемијата и посочуваат дека се уште се неопходни мерки на претпазливост.
Најамбициозната кампања за вакцинација во американската историја е „предизвик со зачудувачки размери“, проценува „Њујорк тајмс“ и укажува на тоа дека почетокот на вакцинацијата е првиот чекор кон целта да се имунизираат доволно Американци до пролетта за конечно да се запре ширењето на вирусот од кој живот загубија речиси 300 000 луѓе во САД, ја наруши економијата, образовниот систем и секојдневието.
Едно од најголемите отворени прашања е колку Американци – вклучително и оние во здравствениот сектор – не сакаат да примат вакцина, посочува „Њујорк Тајмс“.
Анкетата на Пју спроведена кон крајот на ноември покажа дека 18 проценти рекле дека „дефинитивно не би ја примиле вакцината доколку е„ достапна денес “, а 21 процент велат дека„ веројатно нема да ја примат “.
За време на викендот во САД е забележан рекорден број смртни случаи од вирусот во еден ден.
Според Универзитетот Џонс Хопкинс, во САД во саботата се регистрирани 3 309 смртни случаи поврзани со ковид-19, што е најголем број на смртни случаи за еден ден воопшто во светот. Бројот на смртни случаи од коронавирус во САД одеднаш почна да расте во ноември.
Според „Вашингтон пост“ повеќе од 108.000 луѓе биле хоспитализирани со коронавирусот во болниците низ САД во саботата.