За време на Самитот се очекува да бидат потпишани три регионални договори за мобилност, со кои земјите од Западен Балкан меѓусебно ќе ги признаат универзитетските дипломи, професионалните квалификации за одредени професии и слободата на движење со лични карти
Денеска во Берлин се одржува Самит на Берлинскиот процес на кој ќе учествуваат лидерите на шесте земји од Западен Балкан, како и високи претставници на влади од земјите на Европската Унија и Обединетото Кралство.
На Самитот ќе учествува и премиерот Димитар Ковачевски кој ја предводи владината делегација во состав од вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Пред почетокот на Самитот, Ковачевски утринава во Берлин беше пречекан од германскиот канцелар Олаф Шолц.


Од Владата информираат дека на Самитот ќе се одржат неколку сесии на кои е предвидено премиерот Ковачевски заедно со лидерите од Албанија, Србија, Косово, БиХ и Црна Гора да дискутираат за регионалната соработка и заеднички регионални пазари, за енергетска стабилност и трансформација, како и за перспективите на Берлинскиот процес и стратегиските прашања.
Воедно, за време на Самитот се очекува да бидат потпишани три регионални договори за мобилност.
Со потпишувањето на регионалните договори земјите од Западен Балкан меѓусебно ќе ги признаваат универзитетските дипломи, професионалните квалификации за одредени професии и личните карти.
„Договорите се однесуваат на признавање на високообразовните квалификации во Западен Балкан, меѓусебно признавање на високообразовните квалификации за докторите на медицина, денталната медицина и архитектите, како и за слобода на движење со лични карти во Западен Балкан“,
информираат од владината прес-служба.
Берлинскиот процес е формат на годишни состаноци што ги иницираше германската Влада, во времето на канцеларката Ангела Меркел во 2014 година, кога во Берлин се одржа Конференцијата за Западен Балкан.
Целта на процесот е да се забрза соработката со шесте земји од Западен Балкан и интеграцијата на регионот во ЕУ. Иницијативата главно се фокусира на решавање на билатералните и внатрешните проблеми во регионот и подобрување на економската соработка, која би била основа на одржливиот развој на регионот.