Ковачевски и Мицотакис на 31 јануари имаа телефонскиот разговор, а според соопштенијата од нивните кабинети, двајцата премиери се согласиле дека односите меѓу двете земји се на одлично ниво и дека ќе продолжи да се гради и зајакнува партнерството
Премиерите на Северна Македонија и Грција, Димитар Ковачевски и Кирјакос Мицотакис, попладне ќе имаат средба во Минхен на маргините на Конференцијата за безбедност, што впрочем ќе биде и прва нивна средба, јави МИА од Атина.
Од кабинетот на грчкиот премиер соопштија дека Мицотакис во текот на денешниот ден ќе оствари низа средби, меѓу кои и со премиерите на Северна Македонија и на Албанија, со претседателката на Косово, со вицепремиерот на Израел итн.
Владината делегација на Северна Македонија на 58. Минхенска конференција за безбедност што ја предводи премиерот Димитар Ковачевски, ја сочинуваат заменик-претседателот на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ, министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за надворешни работи Бујар Османи. Од прес-службата на Владата соопштија дека за време на тридневната работа на конференцијата ќе учествуваат на повеќе централни и придружни настани во рамките на конференциската агенда, како и на повеќе заеднички и одделни билатерални средби.
Ковачевски и Мицотакис на 31 јануари имаа телефонскиот разговор, а според соопштенијата од нивните кабинети, двајцата премиери се согласиле дека односите меѓу двете земји се на одлично ниво и дека ќе продолжи да се гради и зајакнува партнерството, ја констатирале взаемната волја за зајакнување на билатерални односи и билатералната соработка, со акцент на економскиот и трговскиот сектор и се договориле да се сретнат на маргините на форумот „Делфи“ во Грција на почетокот на април.
Сепак, нивната прва билатерална средба доаѓа речиси два месеца порано.