Денеска, македонски јазик ќе полагаат 352 кандидати, албански јазик 225 и девет матуранти ќе полагаат турски јазик

Матурантите што не ја положија матурата во јунскиот рок, денеска го полагаат првиот задолжителен екстерен испит – мајчин јазик и литература. Полагањето на вториот, изборен екстерен испит е закажано за в четврток, на 14 август.
Според податоците од Државниот испитен центар (ДИЦ), за двата испитни дена пријавени се вкупно 1 118 ученици.
Македонски јазик ќе полагаат 352 кандидати, албански јазик 225 и девет матуранти ќе полагаат турски јазик.
На полагањето в четврток 779 ученици ќе полагаат англиски јазик, 27 ученици математика, двајца кандидати германски јазик, еден ученик француски јазик и еден матурант ќе полага естетика.
Според видот на образование, најголем број пријавени се од средно стручно образование – 835 ученици, додека од гимназиско ќе полагаат 265, а 18 матуранти се од средно уметничко образование. Испитите ќе се одржуваат во простории на факултетите.
Минатата недела од Министерството за образование и наука и од Државниот испитен центар ги објавија резултатите од јунскиот рок, за кои рекоа дека покажале подобрување во однос на минатата година. Просечната оценка на успехот од двата екстерни испита во јунската сесија е 3,69, што е повисока од ланската кога просекот бил 3,26. Посебен успех е забележан по математика, каде просечната оценка е 4,14.
За јунскиот рок биле пријавени вкупно 15 004 ученици. Поради обиди за препишување и други неправилности, поништени биле тестовите на 172 ученици, кои сега имаат можност да полагаат во августовскиот рок.