Во Кристалната сала на Собранието денеска ќе биде доделена државната награда „23 Октомври“ за 2025 година – за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоцијата на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство од јавен интерес на Република Северна Македонија
Во земјава денеска се одбележува 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба. На овој ден во 1893 година во Солун била основана Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација (ВМОРО), со цел извојување автономија на Македонија преку револуционерна борба.

Кулминација на дејноста на ВМОРО е организирањето на Илинденското востание во 1903 година во Македонија и на Преображенското востание во Одринска Тракија.
По повод Денот на македонската револуционерна борба, во НУ Македонски народен театар ќе се одржи свечена академија „Од идеја до држава“, на која обраќање ќе има премиерот Христијан Мицкоски.
Собраниска делегација, пак, составена од пратениците Катерина Димитровска и Малиша Станковиќ, ќе положи цвеќе на споменикот „Основачи на ВМРО“ во паркот „Жена борец“ во Скопје, а во Кристалната сала на Собранието на Република Северна Македонија напладне, во 12:00 часот, ќе биде доделена државната награда „23 Октомври“ за 2025 година – за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоцијата на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство од јавен интерес на Република Северна Македонија.
За остварување во областа на културата и уметноста наградата ќе им се додели на Гоце Тодоровски, актер, Александар Кујунџиски, писател за деца и возрасни, Братислав Ташковски, поет, романсиер, драмски писател и новинар, како и на академик Божин Павловски, писател.