Поради продор на постудена воздушна маса од север, во текот на утрешниот ден на повисоките планини врнежите ќе преминуваат во снег, а поради натамошно спуштање на студен воздух, во петок ќе има услови да преминуваат во снег и на некои од повисоките места
Денеска времето во земјава ќе биде променливо облачно со слаб до умерен ветер кој ќе дува претежно од северен правец. Попладне и во текот на ноќта кон четврток, под влијание на нов влажен бран, ќе има врнежи од дожд, кои наместа ќе бидат пообилни.

Утринската температура ќе се движи во интервал од два до 14, а максималната дневна ќе достигне од 13 до 20 Целзиусови степени.
Во Скопје, според синоптичарите, се очекува слично време, променливо облачно со слаб ветер од северен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта и во главниот град ќе има врнежи од дожд.
Според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), под влијание на новиот влажен бран се очекува на повеќе места во земјава да наврнат над 30 литри на квадратен метар воден талог, а локално и над 50 литри на квадратен метар. Поради продор на постудена воздушна маса од север и засилен северен ветер, во текот на утрешниот ден на повисоките планини врнежите ќе преминуваат во снег, а поради натамошно спуштање на студен воздух, во петок ќе има услови да преминуваат во снег и на некои од повисоките места.
На повисоките планини ќе се формира снежна покривка. Температурата на воздухот значително ќе опадне.
Во деновите од викендот ќе има стабилизирање на времето со постепен пораст на дневната температура.