Ова не е време за политички поени туку е време за разум, солидарност и социјална грижа, рече Ковачевски на вонредната прес-конференција во Владата, по седницата на Економско-социјалниот совет на Владата
Во Собранието денеска ќе се одржи седница за поставување пратенички прашања.
Премиерот Димитар Ковачевски на синоќешната вонредна прес-конференција, по седницата на Економско-социјалниот совет на Владата, ги соопшти одлуките кои се однесуваат на справување со последиците со енергетската криза и ги повика пратениците, денеска, пред почетокот на седницата за пратенички прашања да ги изгласаат законот за финансиски средства од ЕБРД за справување со енергетската криза, да ги поддржат измените на Законот за енергетика и на Законот за нафта и нафтени деривати, како и да го усвојат Барањето за продолжување на кризната состојба.
Ова не е време за политички поени туку е време за разум, солидарност и социјална грижа, рече Ковачевски.
„Утре имаме седница за пратенички прашања во Собранието на државата. Сакам да им укажам на Собранието и на пратениците од сите политички партии да се одважиме заедно и конечно да се обединиме за интересот на граѓаните и пред започнувањето на седницата да се изгласаат законот со кој се обезбедуваат финансиски средства од ЕБРД, пари одобрени од ЕБРД за справување со енергетска криза на РСМ по исклучително поволна каматна стапка, измените во Законот за енергетика и Законот за нафта и нафтени деривати и усвојување на кризната состојба. Ова не е време за политички поени, туку е време за разум, солидарност и социјална грижа. Ова е само прв сет на одлуки на Економско-енергетскиот совет“,
истакна премиерот.
Економско-енергетскиот совет на Владата синоќа одлучи да почне постапката за издавање лиценца на ЕСМ за производство на топлинска енергија од регулиран пазар, согласно член 6 од Законот за енергетика , соопшти вечерва премиерот Димитар Ковачевски.
На вонредна прес-конференција во Владата, тој потенцира дека парно за скопјани ќе има и дека грејната сезона ќе почне на 15 октомври.
„Го повикувам Град Скопје, РКЕ и Комисијата за заштита на конкурентност во најбрзо време да дадат позитивно мислење за одлуката со што ќе се создадат услови за целосно функционирање на ЕСМ со топланите. Обезбедени се финансиски средства за потребните енергенси за топлинска енергија“,
истакна Ковачевски.
Тој објави и дека и малите потрошувачи ќе добијат сигурна, стабилна и континуирана испорака на електрична енергија.
„Осумдесет проценти ја субвенционираме сметката за електрична енергија за 650 илјади домаќинства, а над 70 илјади компании и други правни субјекти т.н. мали потрошувачи со промет годишен до два милиона евра ќе добијат субвенционирана електрична енергија која е трипати пониска од берзанската. Дополнително донесовме одлука на регулиран пазар да бидат и основните и средните училишта на територијата на цела држава без разлика што обврската за обезбедување на образовниот процес е на самите општини“,
нагласи премиерот.
Исто така, и сите јавни и здравствени установи ќе бидат обезбедени со електрична енергија преку ЕСМ, по поволна цена од берзанската.
Добро е што Ковачевски се потрудил и ги изанализирал мерките кои Мицкоски утринава ги предложи за стопанството и веруваме дека причината за таканаречена вонредна прес-конференција не се штурите и делумно ископирани мерки кои ги видовме вечерва, туку целосната понуда и прецизен план кој лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го даде утринава, се вели во писмената реакција на прес-конференцијата на премиерот Ковачевски за одлуките донесени на Економско-социјалниот совет на Владата за справување со енергетската криза.