За да нема застој во постапката, како кажа судијката, Груевска-Илиевска денешното рочиште ќе продолжи со изјаснување на оштетените и нивните полномошници, кои ги има во голем број
Не станува збор за ново обвинение. Вака одлучи судечкиот совет во случајот „Пулс“, откако дел од адвокатите на обвинетите приговараа дека Обвинителството на претходното рочиште поднело ново обвинение.

„Советот смета дека не станува збор за ново обвинение бидејќи во интегрираното обвинение не се воведени нови дејствија, нов обвинет, ново место на извршување, нов оштетен, не е сменета фактичката состојба, ниту е дадена нова правна квалификација“,
рече судијката Диана Груевска-Илиевска која претседава со судечкиот совет.
Судот, од друга страна ги прифати приговорите на дел од адвокатите кои на денешното рочиште реагираа дека нивните клиенти не го добиле обвинението и не можат да се изјаснат за вина и да дадат воведни зборови.
Судијката рече дека со оглед на ваквата околност на овие обвинети уште денеска ќе им биде доставено обвинението.
Поради ова на денешното рочиште, условно кажано, се одложи изјаснувањето на обвинетите за вина и воведните зборови на одбраната.
Неизвесно и малку веројатно е дека тоа ќе се случи и на рочиштето закажано за утре (26 ноември), бидејќи, како што кажа и самата судијка, на обвинетите ќе им биде потребно време да го прочитаат обвинението.
За да нема застој во постапката, како кажа судијката, Груевска-Илиевска денешното рочиште ќе продолжи со изјаснување на оштетените и нивните полномошници, кои ги има во голем број.
Поврзани вести:
- Хаотични докази, ново обвинение и недобиени материјали – одбраната во „Пулс“ со бројни забелешки до Обвинителството
- Мора да има правда за нашите деца, судијката и Обвинителството ни дадоа надеж – вели мајка на загинат во „Пулс“
- Продолжува судењето за пожарот во „Пулс“, се очекува произнесување за вина и воведни зборови на одбраната
