Министерката Јаневска вели дека сите предлози што се конструктивни ќе бидат прифатени, а техничките грешки во законот ќе бидат исправени

На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска попладне ќе се одржи јавна дебата за предлог-законот за високо образование. Ова е трета од најавените шест дебати на јавните универзитети, во присуство на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Минатата недела јавни дебати беа одржани на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје и на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, на која присуствуваше и наставно-научниот кадар од Универзитетот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.
Законот за високото образование и Законот за квалитет во високото образование се поставени и на националниот регистар на прописи (ЕНЕР), а МОН креираше и посебни две е-адреси за праќање коментари за двата предлог-закона.
Министерката Јаневска вели дека сите предлози што се конструктивни ќе бидат прифатени, а техничките грешки во законот ќе бидат исправени.
Законот ќе биде поставен на ЕНЕР до последниот ден, а потоа ќе бидат направени сите добиени забелешки за кои работната група ќе смета дека се прифатливи.
„Ќе остане на ЕНЕР уште неколку дена за да ги видат забелешките што се прифатени и потоа оди во владина процедура. Ќе се разгледуваат само аргументирани и издржани забелешки и нема да се прифаќаат тие што се под нивото на академска дискусија. Ќе ги дискутираме оние членови на законот што тие сметаат дека се проблематични за нив и на нив можеме да се приспособуваме. Јавната расправа е уште отворена и затоа и се прави – за да ги слушнеме сите аргументирани забелешки“,
вели Јаневска.
Министерката нагласи дека предложениот закон е прогресивен зашто ќе обезбеди поткренување на квалитетот на високото образование во државата.
„Државата Македонија нема време за потпросечни, па и просечни и ретки добри резултати. Ние мора да го држиме чекорот со регионот и светот, инаку сè повеќе деца ќе ни се иселуваат и сè повеќе деца ќе даваат придонес во други држави“,
додава таа.
Законот, вели министерката, бара и научноистражувачка работа и промена во студиските програми, но не со мешање во автономијата на универзитетот, и поголема законска контрола преку законот за квалитет во високото образование и вмрежување со странски универзитети и во разни алијанси, и двојни и заеднички дипломи.
„Ако имплементацијата оди добро, за неколку години ќе имаме видлив пораст на квалитетот и покачување на нашите универзитети на ранг-листите“,
додава министерката.
