За денеска премиерот најави дека ќе има координативен состанок на безбедносните служби на кој ќе се разговара за проблемите со лажните дојави за бомби и ќе се преземаат како и досега мерки со цел сите граѓани на државата да бидат заштитени

Апелите што ги испраќаат сите амбасади за нивните граѓани се нормална процедура. Истото го прави и нашето Министерство за надворешни работи (МНР) доколку се исполнат услови за одредени протоколи кои се следат во меѓународните односи, рече премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на прашањето за апелот на американската амбасада нивните граѓани да не патуваат во нашата држава поради нарушената безбедност.
„Министерство за внатрешни работи ги презема сите активности со цел да се обезбедат безбедност и сигурност во државата. Овие лажни дојави за бомби се дел од хибридна војна која се води на територија на цела Европа. Се наоѓаме во година во која има војна на нашиот континент, првпат после Втората светска војна, и тоа во големи размери. Овој тип на сајбер напади е секако составен дел од тоа“,
рече Ковачевски.
Тој најави дека денеска ќе има координативен состанок на безбедносните служби на кој ќе се разговара за сите овие проблеми и ќе се преземаат како и досега мерки со цел сите граѓани на државата да бидат заштитени.
Денеска американската амбасада во Скопје издаде безбедносно предупредување до граѓаните на САД кои планираат да патуваат или престојуваат во земјава да внимаваат поради потенцијално зголемување на криминалот за време на празниците, но и во врска со дојавите за поставени бомби во училиштата и други објекти, како и на места каде што има голема фреквенција на луѓе.
Викендов германското Министерство за надворешни работи ги предупреди граѓаните на земјата да бидат „будни и претпазливи“ при патување во Северна Македонија поради заканите со бомби.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера информираше дека за дојавите за бомби се информирани партнерите од НАТО и нагласи дека вакви закани се случуваат и во регионот.