Денеска може да се очекува дека Владата ќе ги олабави мерките за најмалку ризичните сектори, но за намалување на полицискиот час до вчера немаше препорака.
Можното олабавување вчера го најави вицепремиерот Бујар Османи за време на неговото гостување во „Отвореното студио“ на ТВ 24.
Тој рече дека очекува тоа да се случи доколку нема драматично влошување на денешните бројки за состојбата со ковид-19.
„Најдобро е дебатата прво да се заврши во Владата, па после да се комуницира, но ете ќе кажам неколку примери од типот на автошколите или индивидуални спортови, кои имаат помал ризик, да се ослободат во втора транзициска фаза имајќи предвид дека предлогот на Комисијата за заразни болести е да има втора и трета транзициска фаза, комплетно ослободување на повеќето сектори“,
рече Османи.
На оваа тема вчера зборуваше и заменик-министерот за здравство Армен Арслани во „Топ тема“ на Телма.
Тој рече дека вчерашните бројки покажале дека над 14 проценти од тестираните се позитивни на вирусот.
„Имавме одредени денови под 5 проценти на дијагностицирани, но пред два-три дена, можеби инцидентно беше 10. Во деновите потоа имаше број што на пример, вчера изнесуваше 5,7 отсто, а денеска имаме 14,5 отсто“,
рече Аслани.
Заради ваквиот тренд, посочи тој, Комисијата за заразни болести нема заклучок да се почне со укинување на полицискиот час или со олабавување на другите порестриктивни мерки.
Засега нема информации и за отворање на аеродромите. Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески вчера изјави дека на состанок на Кризниот штаб го отворил ова прашање, но сè уште нема таков предлог од Комисијата за заразни болести.
„Пред неколку дена разговарав со директорот на ТАВ кој спомна дека треба да се има предвид дека имаат потреба од 7 до 10 дена за евентуално тестирање на аеродромот. Разговараме за тоа на седницата на Штабот, но сè додека не стигне конкретен предлог од Комисијата за заразни болести, нема да се носи таква одлука“,
изјави Сугарески.
Вчерашните статистики за ковид-19 покажаа дека од 145 тестирања, позитивни на вирусот биле 22 пациенти. Со тоа вкупната бројка на дијагностицирани досега изнесува 1 664. Од нив починати се 91, а излечени 1 200 пациенти. Активни случаи се 373.