Во текот на неделава, исто така, претседателот Стево Пендаровски треба да му го додели мандатот на Ковачевски за формирање влада. Предавањето на мандатот тој го најави за утре или задутре по што ќе почне да тече и рокот од 20 дена за формирање влада
Денеска треба да заседава Централниот одбор (ЦО) на СДСМ, што ќе биде прва седница по изборот на новиот партиски лидер Димитар Ковачевски, а на која се очекува тој да биде потврден и за мандатар за формирање нова влада.
Очекувањата се и дека ЦО ќе избере и ново партиско раководство, што би значело нов состав на Извршниот одбор, како и нови потпретседатели и секретари на партијата, по предлог на наследникот на Зоран Заев на „Бихаќска“.
Ковачевски претходно најави дека во актуелниот состав на ЦО ќе кооптира нови членови, како можност што му ја дозволува партискиот Статут. За нов генерален секретар на партијата се очекува да биде именуван Миле Зечевиќ, а заменик-претседателската Сања Лукаревска, пак, се очекува да ја задржи функцијата. Во јавноста изминативе денови се шпекулираше и со имиња кои ќе влезат во Извршниот одбор, како и оние кои би ги зазеле потпретседателските места, но дали истите ќе бидат потврдени ќе се знае по вечерашната седница во партиското седиште.
Во текот на неделата, исто така, претседателот Стево Пендаровски треба да го додели мандатот на Ковачевски за формирање влада. Во интервју на Канал 5 ТВ минатата недела тој рече дека очекува допис од партија или партии кои имаат мнозинство во којшто допис ќе му наведат и официјално кој е новиот мандатар. Предавањето на мандатот тој го најави за утре или задутре по што ќе почне да тече и рокот од 20 дена за формирање влада.