На состанок во Клубот на пратеници денеска се очекува да се дефинираат деталите околу идното сообраќање на авиолинијата која, според најавите, треба да биде редовна од следниот месец
На Меѓународниот аеродром „Скопје“ утрово во09:40 треба да слета авионот од Софија на авиокомпанијата „Гуливер“, со што ќе се реализира првиот лет на таа релација.
Со авионот во Скопје ќе пристигнат македонска и бугарска делегација предводени од министерот за транспорт Благој Бочварски и неговиот бугарски колега Николај Сабев, како и туроператори од двете држави.
Нивните активности ќе продолжат со состанок во Клубот на пратениците на кој треба да се разгледаат можностите и да се дефинирани деталите околу идното сообраќање на авиолинијата, која, според најавите, треба да биде редовна од следниот месец. Воедно треба да се утврдат и туристички пакети што ќе помогнат да се зголеми бројот на меѓусебните посети на туристи од двете држави. За исходот е од средбата се најавени изјави за медиумите во Клубот на пратеници.
Бочварски од вчера е во Софија каде заседаваше Меѓуресорската работна група за соработка во областа на инфраструктурата, транспортот и поврзувањето, една од шесте работни групи формирани меѓу двете држави минатиот месец.
Како што соопшти Министерството за транспорт и врски, во рамки на работната група за инфраструктура и патен транспорт, двете страни се согласија на зголемување на квотата на дозволи на 1 500 годишни дозволи за транспорт на стоки за и од трети земји. Исто така, Комисијата направи значителен напредок во преговорите за целосна либерализација на товарниот транспорт.
Авионското поврзување меѓу двата главни града на Северна Македонија и Бугарија е првиот конкретен чекор на соработката што ја најавија по првата средба премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петков што се одржа на 18 јануари годинава во Скопје. Една недела подоцна, на 25 јануари, двете влади во Софија одржаа заедничка седница и потпишаа два документа за зајакнување на инфраструктурното поврзување на двете земји, за директна авиолинија Скопје – Софија и за железничкиот Коридор 8.