Најголем дел од загинатите ќе бидат погребани во Кочани, а погреби ќе се одржат и во Штип, Пробиштип, Облешево, Скопје и Струмица
Во неколку градови во земјава денеска ќе се одржат погреби на 59 трагично настрадани во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани што се случи на 16 март. Најголем дел од загинатите ќе бидат погребани во Кочани, а погреби ќе се одржат и во Штип, Пробиштип, Облешево, Скопје и Струмица.

„Погребот на настраданите во ужасниот пожар во Кочани ќе се одржи следниот период – 11:00 часот на градските гробишта во Штип, 12:00 часот на градските гробишта во Кочани, 13:00 часот на гробиштата во с. Облешево. Останатите погреби ќе се одржат во различни временски периоди“,
информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, утринава упати апел до граѓаните кои денеска сакаат да оддадат почит на настраданите во Кочани, да не ја попречуваат погребната церемонија. Невозможно, нехумано и непотребно, додава директорот на ЦУК, е сите во исто време да пријдат околу телата на настраданите.
„Поради конфигурацијата на теренот на градските гробишта во Кочани невозможно е безбедно влегување на поголем број луѓе внатре во гробиштата. На влезната капија на гробиштата ќе стојат свештеници од Кочани кои ќе ги пропуштат родителите со нивните најблиски. Ги замолувам останатите ужалени граѓани да останат надвор од портите на гробиштата. По завршувањето на погребната церемонија, но и во текот на следните денови, сите ужалени граѓани, постепено, еден по еден, ќе можат да отидат до вечните почивалишта на настраданите, да се помолат за нивните души, да положат цвеќе, да запалат свеќа. Денеска, да ги оставиме најблиските за последен пат, во тишина и плач, да си ги видат своите настрадани чеда“,
додава Ангелов во апелот до граѓаните.
Директорот на ЦУК информира дека околу местата на погребите ќе бидат распоредени поголем број лекарски тимови и пунктови со вода за пиење.