Според Протоколот што на 17 јули во Софија го потпишаа министрите за надворешни работи на Северна Македонија и на Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска, во рок од еден месец од потпишувањето (на Протоколот) двете држави треба да ги објават на интернет-страниците на двете влади веќе усвоените препораки од досегашната работа на Заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања. Тој рок е на самиот истек
Македонскиот тим во Билатералната мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања денеска претпладне закажа брифинг за медиумите, по кој изјава ќе даде копретседателот Драги Ѓоргиев. Според официјалната најава, тема на брифингот се усвоените решенија на Комисијата за заеднички чествувања и препораките за подобрување на учебниците по историја за 6 одделение во Северна Македонија и 5 клас во Бугарија.
Иако тоа експлицитно не се наведува, од најавата треба да се заклучи дека од македонскиот тим ќе бидат објавени и образложени досега усвоените решенија во билатералната историско-образовна комисија. Според Протоколот што на 17 јули во Софија го потпишаа министрите за надворешни работи на Северна Македонија и на Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска, во рок од еден месец од потпишувањето (на Протоколот) двете држави треба да ги објават на интернет-страниците на двете влади веќе усвоените препораки од досегашната работа на Заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања. Тој рок е на самиот истек.

Според јавно достапните информации, станува збор за решенија усогласени во историската комисија уште во 2019 година за неколку личности од средновековието. Во медиумите досега се известуваше дека согласноста се однесува на св. Кирил и Методиј, св. Климент, св. Наум и цар Самуил.
По седница одржана во јули 2019 година, Владата соопшти:
„Прифатени се сугестиите за заедничко чествување на следните личности од нашата заедничка историја: св. Кирил и Методиј, св. Климент, св. Наум и Цар Самуил. Двете страни се согласуваат да го промовираат договореното и во најкус можен рок да ги усогласат датумите и заедничките одбележувања. При секое официјално чествување на овие личности потребно е историската вистина за нашата заедничка историја јасно да се одбележува.
Се прифаќаат заедничките принципи и забелешки за содржината на учебниците за 5 одделение во Република Бугарија и за 6 одделение во Република Северна Македонија (Праисторија и Античка историја). Се поддржува предлогот на Комисијата за разгледување на наставниот материјал во учебниците за 6 одделение во Република Бугарија и 7 одделение во Република Северна Македонија (Среден век) до крајот на 2019 година“.
Поради ветото од Бугарија и тензијата во билатералните односи, овие заклучоци не беа реализирани.
