Во следните два дена бремените жени и лицата на возраст над 60 години се ослободени од работните обврски, децата во градинките не смеат да имаат физички активности од 11:00 до 17:00 часот, приватниот сектор треба да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците, а се препорачува и избегнување престој на отворено од 11:00 до 17:00 часот
Тополотен бран со температури и над 40 степени ќе ја зафати земјава денеска и утре поради што во земјава ќе биде активно портокалово ниво на опасност од високи температури.
Како што соопшти УХМР, температурите на повеќето места ќе бидат над 35 степени, а во југоисточните подрачја и над 40 степени.
Минималните температури ќе се движат од 13 до 24 степени, а максималните од 28 до 42 степени. УВ-индексот ќе биде 8.
Поради топлотен бран, Владата на вчерашната седница донесе препораки според кои во следните два дена бремените жени и лицата на возраст над 60 години се ослободени од работните обврски, децата во градинките не смеат да имаат физички активности од 11:00 до 17:00 часот, приватниот сектор треба да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците, а се препорачува и избегнување престој на отворено од 11:00 до 17:00 часот.
Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран, да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници.
Согласно овие препораки, Владата донесе заклучоци државните органи и јавните претпријатија и установи да ги почитуваат препораките.
За време на викендот се најавува освежување. Времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи, а ќе има услови за изолирана појава на краткотрајно невреме. Температурите значително ќе се намалат.