Земјоделците очекуваат утре да ги чујат мерките што владиниот портпарол најави дека ќе ги соопшти, па потоа ќе излезат со став, дали ќе одговорат позитивно и ќе ги прекинат протестите или, пак, ќе продолжат со планираната 48-часовна блокада

Денеска и утре, поради празникот Водици во Грција грчките земјоделци нема да го блокираат граничниот премин „Евзони“ и сообраќајот се очекува да се одвива непречено, како што беше случај за Божиќ и за Нова година, со цел да се олесни патувањето на граѓаните.
Од друга страна, на граничниот премин „Меџитлија“, како што информираат од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ), од 9 часот утрово е во прекин сообраќајот за товарни возила, но нема информација дали е тоа поради блокадите од грчките земјоделци.
На состанок на земјоделците од цела Грција во неделата беше одлучено да се одржи 48-часовна блокада, односно в четврток и в петок да се блокира целата национална патна мрежа, споредните патишта и клучните патни правци во Грција, како и граничните премини.
Земјоделците од „Евзони“ ќе учествуваат во конкретните 48-часовни активности, но планираат в среда да одржат состанок за да донесат одлука за видот на блокадата, односно дали граничниот премин ќе биде затворен два дена само за камиони или за сите возила.
Со интензивирањето на блокадите од страна на земјоделците се зголемува притисокот врз властите да ги исполнат нивните барања.
Владиниот портпарол Павлос Маринакис на вчерашниот редовен брифинг со новинарите соопшти дека „в среда наутро владата ќе ги соопшти, во суштина ќе ги прецизира мерките што веќе се најавени“.
„Ова се мерките и нема да има дополнителни. Нема веќе трпение“,
изјави Маринакис.
Тој нагласи дека владата ја исцрпила попустливоста и предупреди дека продолжените блокади се неподносливи, истакнувајќи дека граѓаните веќе се соочиле со значителни непријатности поради застојот во сообраќајот предизвикан од трактори на патиштата.
Земјоделците, како што пренесуваат грчките медиуми, очекуваат да ги чујат овие мерки, па потоа ќе излезат со став дали ќе одговорат позитивно и ќе ги прекинат протестите или, пак, ќе продолжат со планираната 48-часовна блокада.
Протестите на земјоделците траат над еден месец – започнаа на 30 ноември, а нивниот став е дека ќе дојдат на дијалог со владата само доколку бидат исполнети сите нивни барања.
Синоќа, од 18 до 22 часот по македонско време повторно беше затворен граничниот премин „Евзони“ кон нашата земја за влез и за излез од Грција за сите возила.
