На повторените избори не е потребна излезеност од една третина на гласачите, туку за да се избере градоначалник треба за еден од кандидатите да гласаат повеќе од половина од излезените избирачи

Во пресрет на утрешните повторени избори за градоначалник во Гостивар, Маврово и Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа, денеска гласаат болните и изнемоштените лица, како и притворените и затворениците од овие општини.
Во Гостивар за гласање се пријавени 146 болни и изнемоштени лица, а во затворите 81 лице.
Во Маврово и Ростуше ќе гласаат 69 болни лица и двајца затвореници.
Во Врапчиште пријавени се 32 болни и изнемоштени, а во затворите 11 жители од оваа општина.
Во Центар Жупа се пријавени само двајца болни.
Во Гостивар право на глас имаат 82 870 граѓани, а од нив 78 185 гласачи се постојани жители на општината, додека во посебниот Избирачки список за лица кои живеат во странство се запишани 4 604 гласачи.
Во Избирачкиот список за Маврово и Ростуше се запишани 10 575, од кои во посебниот Избирачки список за жители во Општината 9 622, во странство 951.
Во Врапчиште запишани се 27 279 граѓани со право на глас, 26 318 во посебниот Избирачки список за жители од Општината, во посебниот ИС за гласачи кои живеат во странство – 950.
Бројот на гласачи во Центар Жупа запишани во Избирачкиот список се 7 562, од нив 6 305 во оштината, во посебниот ИС за гласачи во странство се запишани 1 257 лица.
Гласањето утре започнува во 7:00 часот, а завршува во 19:00 часот.
Согласно Изборниот законик, на повторените избори не е потребна излезеност од една третина на гласачите, туку за да се избере градоначалник треба за еден од кандидатите да гласаат повеќе од половина од излезените избирачи, вклучувајќи ја и Центар Жупа каде што има само еден кандидат.
Кандидати за градоначалник на Гостивар се Невзат Бејта од коалицијата ВРЕДИ и независниот Ваљбон Лимани поддржан од Националната алијанса за интеграција (НАИ), која е предводена од ДУИ.
Во Врапчиште кандидати за градоначалник се Исен Шабани од НАИ и Зуљхајрат Демири поддржан од Група избирачи.
Во Центар Жупа има само еден кандидат за градоначалник, и тоа Аријан Ибраим од Демократската партија на Турците.
Во Маврово и Ростуше има двајца кандидати – Онер Јакупоски, поддржан од Коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, и Анес Ахмети, кандидат на СДСМ.
Изборите за градоначалник во овие четири општини се повторуваат бидејќи на Локалните избори 2025 таму немаше доволен број граѓани излезени на гласање.
