На вториот круг право на глас имаат 1 013 375 гласачи. Од нив, 474 304 избирачи гласаат за градоначалник на Град Скопје. Гласањето се одвива за кандидатите кои во првиот круг добија најмногу гласови, а за избран се смета оној кој ќе освои поголем број гласови во овој круг

Денеска во земјава се одржува вториот круг од локалните избори 2025, кои претставуваат осми локални избори во историјата на земјата. Во овој круг граѓаните ќе избираат градоначалници во 32 општини и во Град Скопје откако во првиот круг на 19 октомври веќе беа избрани 44 градоначалници и советници во речиси сите општини.
Во вториот круг право на глас имаат 1 013 375 гласачи. Од нив, 474 304 избирачи гласаат за градоначалник на Град Скопје. Гласањето се одвива за кандидатите кои во првиот круг добија најмногу гласови, а за избран се смета оној што ќе освои поголем број гласови во овој круг.
Општините каде денеска се гласа за градоначалник се Град Скопје, Аеродром, Боговиње, Брвеница, Валандово, Виница, Дебар, Дебарца, Демир Капија, Карпош, Кичево, Конче, Кочани, Крушево, Куманово, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Могила, Неготино, Пробиштип, Ранковце, Росоман, Струга, Студеничани, Тетово, Центар, Чешиново Облешево, Чучер Сандево, Шуто Оризари, Долнени, Дојран и Зрновци.
Гласачките места се отворени од 7 до 19 часот. Гласањето е тајно и се врши зад параваните со сино хемиско пенкало.
За идентификација, гласачите користат важечка лична карта или пасош, како и апаратите за биометриска идентификација. Гласачите можат да одат на избирачкото место само еднаш.
Во скопските општини Центар, Аеродром и Карпош граѓаните добиваат две гласачки ливчиња – за градоначалник на Град Скопје и за градоначалник на локалната самоуправа. Во другите општини се гласа само за градоначалник.
Во случај да не се избере градоначалник, дури и по завршувањето на вториот круг, Изборниот законик предвидува Општинската изборна комисија (ОИК) или Државната изборна комисија (ДИК) во рок од 15 дена од завршувањето на изборите, да ја извести Владата за неуспешниот избор.
По добивањето на известувањето, Владата има рок од 15 дена да именува повереник. Повереникот ќе биде задолжен за вршење на сите работи од надлежност на градоначалникот.
Владата најдоцна во рок од 15 дена по денот на именувањето на повереникот го известува претседателот на Собранието да распише нови избори за градоначалник.
Гласањето може да биде продолжено по 19 часот само доколку на избирачкото место има останато гласачи, или доколку имало прекин во текот на денот, со одлука на ОИК или ДИК. Ако гласањето биде прекинато подолго од еден час, тоа ќе продолжи за онолку време колку што траел прекинот, но не подолго од три часа.
Изборниот процес го следат вкупно 1 598 набљудувачи, од кои 933 странски и 651 меѓународен. Резултатите се очекуваат во текот на вечерта, а Државната изборна комисија (ДИК) последната прес-конференција ја најави за околу 23 часот.
Во општините Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, каде во првиот круг не беше постигнат цензусот од најмалку една третина излезеност, во рок од 60 дена ќе почне нова изборна постапка за избор на градоначалник.
Вчера, на еден ден пред изборите, гласаа затворениците, лицата во домашен притвор, болни и немоќни лица и лица во старските домови.
