Упати повик до секој член на изборната комисија, секој набљудувач и секоја надлежна институција да ги зачува највисоките европски стандарди за конечниот резултат да ја одрази вистинската волја на граѓаните и реалноста на нивното слободно и демократско изјаснување
Овие избори за нас беа повеќе од локални избори, рече вечерва на прес-конференцијата, по завршувањето на гласањето на локалните избори, потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Арбер Адеми, од седиштето на партијата во Тетово, посочувајќи дека „Националната алијанса за интеграција“ (НАИ) овие избори ги смета за слободни, фер и демократски.

„Досега е завршен еден многу важен дел од демократскиот процес, но сега започнува другата еднакво важна фаза, фазата на броење, администрирање и зачувување на интегритетот на глас. Затоа упатуваме повик до секој член на изборната комисија, секој набљудувач и секоја надлежна институција да ги зачува највисоките европски стандарди за конечниот резултат да ја одрази вистинската волја на граѓаните и реалноста на нивното слободно и демократско изјаснување“,
кажа тој.
Според него, НАИ имаат само мал број забелешки на изборниот процес, поради што во наредните денови ќе се обратат до надлежните институции.
„Денеска, над сè, победник е граѓанинот, оној што верува во демократијата, учеството и европските вредности, бидејќи само преку слободниот глас се гради довербата, а само преку учество се гради иднината. Денешниот глас е тој што ќе ја одреди иднината на оваа земја, тој е нашиот политички и национален патоказ“,
вели Адеми.
Посочи дека тоа е така оти единствениот пат напред за С Македонија е европскиот пат, патот на демократијата, еднаквоста и целосната интеграција на сите нејзини граѓани.